Skip to main content

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото.

Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат:

Неорганизираност и нарушување на моториката
Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго. 

Нарушувања на социјалната интеракција
Недостаток на контакт со очи, ограничена социјална насмевка, повлеченост, недостаток на желба за интеракција со други лица, паралелно играње покрај врсниците наместо играње со нив, занесеност во себе како во сопствен свет, приоѓање кон непознати лица со цел да ги допре за некој дел од телото, за некој дел од облеката или со цел да им се додели некој коментар или прашање, слабо општествено резонирање, необичен опсег на интереси (диносауруси, планети, броеви, букви, возови, баркодови, сообраќајни знаци...), стереотипна и/или репетативна игра, восхитување од предмети кои создаваат повторувачки движења (тркалата на количката играчка), играње само со одреден дел од играчката, друго.

Сензорни нарушувања
Вознемирување при промена (силна фрустрација при сопирање на играта, забележување промени на рутата на возење, промена на секојдневниот редослед на активности, промена на редоследот на секојдневната поставеност на предметите...), одење на прсти, крцкање со забите, игри со плунка, стресување со рацете пред лицето, плукање по рацете, изразена желба за скокање на кревет, качување по мебелот, хиперсензитивност на звуци (звук од блендер, фен, мотор...), хиперсензитивност на мириси, допир и/или светлина, вознемирување од метеж, потреба од ставање на предметите во уста, доближување на предметите блиску до очи, висока толеранција на болка или преосетливост на болка, одбивање носење облека со одредена текстура, одбивање храна со одредена текстура, најчесто храна со грутки, при што храната ја плука, ја голта без да ја џвака или ја повраќа, нереагирање на аудитивните дразби поради оштетување на слухот, друго. 

Нарушувања на говорот и на јазикот
Недостаток на говор, оскуден говор, појава и употреба на говор на возраст од 12 до 24 месеци, а потоа губење на дотогаш стекнатиот говор, подобро развиени моторни вештини отколку говорни вештини во однос на возраста, употреба на гестикулации наместо говор, фаќање на раката на возрасниот и носење до посакуваната цел, наместо кажување за потребата или самостојно завршување на истата, употреба на неартикулирани гласови, ехолалија (моментално или одложено повторување на веќе слушнатото), аграматичен говор ("мајка ти" наместо "мајка ми", "ти" наместо "јас"...), пелтечење, потешкотии во читањето и пишувањето, нарушувања на гласот, друго. 

Емоционални нарушувања
Емоционална лабилност (брзо преминување од смеење во плачење, и обратно), ниска толеранција на фрустрација, тантруми, агресија, самоагресија, хиперактивност, надразливост, потешкотии во спиењето, невообичаени стравови (стравови од тоалети, лифтови, скали, балони...), халуцинации, суицидални идеи, друго. 

Конгенитални малформации или аномалии
Аненцефалија, микроцефалија, Спина Бифида, брахицефалија, расцепи на непцето, конгенитални малформации на увото, синдактилија, недостаток на екстремитети, испакнати очи, изразено оддалечени очи, споени веѓи, прогнатија, макроглосија, друго. 

!!! АПЕЛИРАМЕ !!! ПРВИОТ МОМЕНТ КОГА ЌЕ СЕ ЈАВИ СОМНЕЖ ДЕКА НЕШТО НЕ Е ВО РЕД ВО РАЗВОЈОТ НА ВАШЕТО ДЕТЕ, ПОТРЕБНО Е ВЕДНАШ ДА СЕ ЈАВИТЕ НА ПРЕГЛЕД И ПРОЦЕНА КАЈ СТРУЧНО ЛИЦЕ!!! 

Извор: Богдановски, Б., Гаспар, Ф., Јотовска, О. (2023). Прирачник за поддршка на родители на деца со пречки во развојот. Гевгелија: Гаспар, Фики. 

Контакт:
e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan

Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Процена на манипулативната вештина на рацете и диференцираност на моторика на прсти кај деца со аутизам

Процена на манипулативната вештина на рацете и диференцираност на моторика на прсти кај деца со аутизам Извадок Вовед : Живееме во време кога развојните нарушувања претставуваат состојби кои се се позачестени и кои бараат се поадекватен, поефективен и стручен третман. АСН претставува група на первазивни развојни нарушувања, проследен со нарушувања во социјалните интеракции, вербалната и невербалната комуникација и со стереотипни и репетативни облици на однесување. Процената на манипулативната вештина на рацете и диференцираноста на прстите кај децата со АСН е од особено значење, затоа што тие се во тесна поврзаност со говорно - јазичниот, емоционалниот и интелектуалниот развој на детето, а истите, честопати се нарушени или недоволно развиени кај овие лица. Главна цел на студијата е да се добијат податоци за манипулативната вештина на рацете и диференцираноста на моториката на прсти кај деца со АСН кои живеат на подрачјето на Република Северна Македонија, односно живеат или ...