Логопедијата (гр. logon – говор, paideia – воспитување) е наука која се занимава со превенција, детекција, дијагностика и третман на патологијата на вербалната комуникација под која се подразбираат сите оние процеси и функции кои се поврзани со продукцијата на говор, како и со перцепцијата и продукцијата на оралниот и пишаниот јазик, како и облиците на невербалната комуникација. (CPLOL)
Говорот, односно можноста човекот да ги изрази и сподели своите мислења, ставови, чувства и емоции со околината, е најголемото богатство кое тој го поседува и кое треба да го негува.
Уште од самото постоење на човекот позната е важноста на здравиот говор. Од онаа точка на изразување на основните потреби, па се до онаа точка кога говорот бил пресуден за добра позиција во некои општества. Проучувањето на говорот и неговата патологија е предмет на интерес на науката и луѓето од сите времиња. Псаметих, Херодот, Хипократ, Аристотел, Демостен, Гален, Разес, Авицена, Леонардо да Винчи, Парацелзус, се само дел од оние кои се занимавале со проучување на настанувањето, развојот и патологијата на говорот.
Денес, патологијата во вербалната и невербалната комуникација завзема толку голем замав, што логопедијата претставува наука, дејност и гранка која е од особно значење за целото општество, а некогаш, единствена и пресудна за дијагностика и третман на одредени состојби.
Со што се занимава логопедијата?
Логопедијата се занимава со превенција, детекција, дијагностика и третман на логопатијата. Логопатијата, како термин, ги вклучува сите облици на оштетувања, нарушувања, потешкотии и ограничувања, кои ја нарушуваат или оневозможуваат вербалната комуникација. Тука се вбројуваат сите оние аберантни, девијантни и патолошки состојби на ниво на организмот и системот на средства за орално-вербална комуникација, односно состојби на човекот како комуникатор во неговата био-психо-социјална структура како општествено комуникативно битие со предизвикани аберантни, девијантни и патолошки состојби на ниво на организмот и системот на средства за орално – вребална комуникација.
Оваа наука се занимава со превенција, детекција, дијагностика и третман на:
- Патологија на говорот;
- Патологија на јазикот;
- Патологија на слухотот;
- Патологија на гласот;
- Патологија на читањето;
- Патологија
на пишувањето.
Најчестите состојби кои ги третира оваа наука се: фонолошко – артикулациски нарушувања, пелтечење, брзоплет
говор (тахифемија), екстремно бавен говор (брадилалија), дизартрија, алалија,
развојна дисфазија, нарушувања на говорот кај аутизам, нарушувања на говорот
кај первазивните развојни нарушувања, афазија, дислексија, дисграфија,
нарушувања на фонацијата, рехабилитација на лица по ларингектомија, дислогии
кај интелектуална попреченост, рехабилитација на лица со оштетувања во слухот,
рехабилитација на лица по кохлеарна имплантација, нарушувања на говорот кај
слепи лица, задоцнет говорен развој и голем број други состојби.
Што е логопед?
Логопед е стручно медицинско лице кое се занимава со превенција, детекција,
дијагностика и третман на патологијата на вербалната комуникација под која се
подразбираат сите оние процеси и функции кои се поврзани со продукцијата на
говор, како и со перцепцијата и продукцијата на оралниот и пишаниот јазик, како
и облиците на невербалната комуникација. Логопедот е носител на професионалната
дејност, кој се занимава и со логометрија и логопротетика.
Клинички логопед – специјалист е медицинско лице, кое покрај примарните задачи
и барања на логопедијата, го опфаќа и клиничкиот дел на предметот на
логопедијата, односно проучувањето, организацијата и праксата на логопедската
превентива, дијагностика, третман и протетика.
Дали логопед и дефектолог се истата дејност?
Најголемото недоразбирање во јавноста е дека логопед и дефектолог (специјален
едукатор и рехабилитатор) претставуваат една иста гранка, што е сосема
погрешно.
Како што погоре е наведено, логопед е стручно медицинско лице кое се занимава
со превенција, детекција, дијагностика и третман на патологијата на вербалната
комуникација под која се подразбираат сите оние процеси и функции кои се
поврзани со продукцијата на говор, како и со перцепцијата и продукцијата на
оралниот и пишаниот јазик, како и облиците на невербалната комуникација.
Дефектолог (специјален едукатор и рехабилитатор) е стручно лице кое врши
функционална процена, реедукација, рехабилитација и
стимулација на лица со попречувања во развојот ( лица со интелектуална
попреченост, лица со оштетен слух, лица со оштетен вид, лица со психичка
попреченост, телесно инвалидни лица, лица попречени во социјалното однесување,
лица со аутистичен спектар на нарушувања и стари лица кои имаат попреченост во
развојот).
Важноста на логопедот и дефектологот
Не постои помалку или повеќе важна професија. Ниту логопедијата е поважна од
дефектологијата, ниту дефектологијата е поважна од логопедијата. Тоа е исто
како да кажеме дека работата на хигиеничарот е помалку важна од работата на
архитектот. Секоја професија е од исклучително важна за растот и развојот на
едно општество.
Во секојдневната пракса, најчесто, пациентите имаат потреба од логопед и
дефектолог, со што важноста на овие гранки е подеднакво важна. Почитта кон
секоја професија, максималната професионалност и колегијалност, споделувањето
на знаења, како и непостоењето на колегијална суета и презир, е клучниот фактор
за успешен третман кај пациентите.
...............................................................................................................................................
Само со големи знаења, стручност и максимална колегијална соработка, почит и
поддршка, можеме да им помогнеме на лицата кои имаат потешкотии и попречувања
од некоја од овие состојби.
А, како клинички логопед – специјалист, си давам предизвик и задача, моите
знаења, стручност и труд, максимално да ги посветам на оваа наука, како таа би
ги достигнала своите врвови и би била помош за сите лица кои имаат потреба од неа.
Автор:
spec.slp. Bojan, клинички логопед –
специјалист
e-mail:
slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan
Comments
Post a Comment