Skip to main content

Улогата на таткото во семејството

Семејството претставува семејна заедница која се состои само од брачен пар или од родители (двајца или еден) и нивните деца кои не се во брак. Под семејство се подразбира и заедница на партнери кои живеат заедно, а законски немаат засновано брачна заедница.

Сепак, нешто прво на што помислуваме кога ќе се спомне зборот ,,семејство” e заедница составена од мајка, татко и едно или повеќе деца. Во семејството секој член има своја улога која има влијание врз сите сфери на семејството, односно влијание врз сите членови на семејството.

Создавањето на семејството започнува со запознавање на родителите и донесување одлука за заеднички живот. Семејството се проширува со доаѓањето на децата, каде родителството е од голема важност.

Родителството, односно одгледувањето на детето е процес на промоција и поддршка на физичкиот, емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето од детството до зрелоста. Интензитетот на родителската вклученост има големо влијание врз функционалноста на ,,здравотосемејството и развојот на здравата личност кај децата.

Мажот, односно таткото, има голема улога со своето влијание врз функционалноста на ,,здравотосемејството и развојот на здравата личност кај децата, па оттаму, проучувањето на улогата на таткото во семејството е од големо значење.



Улогата на таткото во периодот на бременоста


Честопати, кога се говори за бременоста и очекувањето на детето, акцентот се става само на мајката, ставајќи го таткото во втор план, што е целосно погрешно. Таткото не претставува само маж на трудницата, туку претставува родител на детето исто како и самата трудница. Исто како мајката, така и таткото за време на бременоста минува низ еден специфичен период во својот живот, каде започнува формирање на идентитет како родител пред раѓањето на детето.

Мажот е оној кој претставува максимална емоционална поддршка на жената за време на бременоста, која доколку не биде понудена може да остави големи последици. Таа поддршка започнува уште во првата фаза, кога за бременоста знаат само родителите и најблиските лица.

Од моментот кога мажот ќе дознае дека ќе стане татко, кај него се зголемува интересот за деца, се појавува чувството на неизвесност, возбуденост и страв за време на бременоста, се зголемува потребата за почеста комуникација со луѓе кои се татковци, односно родители, се зачестува контактот со неговите родители, додека пак кај некои мажи се појавуваат и некои симптоми, како: намалување на апетитот, мачнини, главоболки, напнатост, раздразливост, нарушување на сонот, кои се губат непосредно по пораѓањето, односно се појавува Кувад – синдром.

За разлика од минатото, денес скоро и да не постојат стереотипите за карактеристичните аспекти на улогите на половите. Денес повеќето мажи активно учествуваат во текот на бременоста, пораѓањето на жената, одгледувањето и воспитувањето на детето.

Пораѓањето не е само чин помеѓу жената и докторите, туку чин помеѓу мајката, таткото и докторите, па местото на таткото за време на пораѓањето не е во чекалната, туку во салата за пораѓање. Голем број студии покажуваат дека породувањата каде присуствува и таткото поминуваат побрзо, со помалку страв, а со повеќе задоволство, со помала доза на применети лекови против болки, како и со подобра подготвеност на мажот за татковство.



Улогата на таткото во семејството


Улогата на таткото во семејството како родител не се запоставува само во праксата, туку и во голем број публикации се наведува дека таткото нема никакво непосредно влијание врз детето во периодот на раниот развој, освен можеби како економска поддршка и емотивна поддршка на мајката, што е сосема погрешно.

Кога се говори за нега, грижа и воспитување на детето најчесто се помислува само на мајката. Ова е нешто што денес веќе треба да биде целосно променето. Детето не е дете и грижа само на мајката, туку дете и грижа на двајцата родители.

Во минатото, па и денес во некои општества се смета дека само мајката е биолошки преодредена за адекватна грижа на потомството, додека таткото воопшто не се ни спомнува. Таткото исто како и мајката е емотивно поврзан со детето и може да ги препознае потребите и барањата на своето дете. Таткото, исто онолку добро како и мајката, може да биде успешен во остварувањето на активностите поврзани за грижата и негата на детето, како што се хранењето, капењето, менувањето пелени, воспитувањето на детето и друго.

Неоспорно е тоа дека постојат разлики во однесувањето на мајката и таткото кон детето, но баш тие разлики кои постојат во однесувањето кај татковците влијаат поволно во голема мера врз детскиот развој.

Татковците во голема мера позитивно влијаат врз емоционалниот, социјалниот и интелектуалниот развој на детето. Отсуството на таткото во развојниот период на детето  од најразлични причини (смрт на таткото, физичко отсуство од различни причини, незаинтересираност на таткото, неадектватност во исполнувањето на своите обврски) има големо негативно влијание врз формирањето на идентитетот кај детето, што се манифестира со: недостаток на сигурност, недостаток на самодоверба, повлеченост, успорено постигнување на зрелост, антисоцијално однесување, феминизирано однесување и ставови кај машките деца, потешкотии во односот со мажите кај женските деца и друго.

Како детето расте, улогата на таткото се повеќе станува позначајна. Играта и комуникацијата на детето со таткото е од големо и единствено значење, затоа што драстично се разликува од играта и комуникацијата со мајката. Татковците најчесто се шалат со децата, ги закачаат, ги нишаат во раце, ги носат на ушка, ги фрлаат во вис, ги шетаат за рака во природа, што укажува на тоа дека татковците се повеќе тактилно активни со децата, што претставува одлична стимулација која има исклучително големо влијание врз интелектуалниот развој на детето.



Улогата на таткото во семејството каде има дете со пречки во развојот


Децата со пречки во развојот претставуваат деца кои имаат телесни, ментални или комбинирани пречки во развојот, и кои имаат потреба од поддршка за остварување на своите права, со цел да бидат вклучени во сите општествени процеси.

Да се има дете со пречки во развојот претставува голем предизвик, пред се за родителите. Децата со пречки во развојот како и сите други деца треба да се прифатат, да се почитуваат, максимално да им се понуди љубов и поддршка. Родителите се оние кои први треба да ги понудат сите овие нешта на своето дете. Улогата на таткото во едно вакво семејство е од исклучителна и енормна важност.

Во периодот кога родителите за прв пат дознаваат со каква болест, односно состојба, се соочува нивното дете, негативните емоции и чувства преовладуваат во најголема мера. Самообвинувањата, барањето на виновник и грешка во минатото, лутината, бесот, чувството не безизлез, можат да се надминат само со максимална љубов и поддршка меѓу двајцата родители.

Таткото е оној кој треба да биде прва и најголема поддршка на мајката, како и обратно, мајката да биде прва и најголема поддршка на таткото, како овој период полесно би се надминал.

Лицата со пречки во развојот имаат свои потреби кои треба да бидат потпомогнати од друго лице, каде најчесто тоа е таткото или мајката. Денес, се почесто освен мајката и таткото учествува во: поддршката на детето со посебни потреби, неговото облекување, хранење, капење, давање и носење на терапија, образување, воспитување и друго.

Од голема важност е вклученоста на таткото во логопедските и дефектолошките третмани. За разлика од порано, каде мајката била вклучена во третманот на своето дете, а таткото неизвесно чекал во чекалната, денес логопедите и дефектолозите се трудат максимално да го вклучат и таткото во третманот, како третманот би бил многу поефикасен.



Улогата на таткото во семејството е од големо значење, особено за развојот на детето, па затоа татковството заслужува исто онолку внимание и важност колку и мајчинството.




Пишува: spec.slp. Bojan, клинички логопед - специјалист

e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan

Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Фази на типичен развој

Иако секое дете има свој индивидуален развој, кој може во одредена мера временски да биде поразличен од развојот на друго дете, сепак се водиме според фазите на типичниот развој, каде секое отстапување од истите треба да биде разгледано и проценето од страна на стручно лице. 0 - 3 месеци При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на пл...