Кога ехолалијата е нормална појава, а
кога се смета за патолошка појава?
Ехолалија, или
повторување на она што е слушнато , претставува нормален дел од развојот на
јазикот кај детето. До втората година , децата учат да
го користат јазикот на тој начин што го повторуваат и имитираат она што го
слушнале од нивната околина. Потоа, како се зголемуваат нивните јазични
способности и расте фондот на зборови, така децата создаваат свој и пред се,
здрав, начин на користење на јазикот, а со самото тоа и се губи ехолалијата.
Симптоми на ехолалија
Главниот симптом на
ехолалијата е повторување на она што е слушнато. На пример, ако детето го
прашате ,,Како си?”, тоа нема да ви одговори како се чувствува
денес, туку ќе повтори ,,Како си?”, без значење. Повторувањето на слушнатиот исказ
може да биде веднаш, а може и да биде одложено, од неколку часови, па се до
неколку денови откако ќе го слушне.
Од останати симптоми може
да се појави фрустрација и раздразливост за време на разговорите, депресија,
чувство на безизлезност, како и заостанување во развојот на говорот во споредба
со другите врсници.
Причини за појава на ехолалија
Причини за појава на
ехолалија, како патолошка појава се: аутизам, афазија, деменција, трауматски повреди на
мозокот, но и анксиозни состојби поврзани со прекуумерен стрес, каде настанува
блокада во можноста за изразување.
Во овие состојби доаѓа до нарушување на патот за прием, обработка и одговор на
дразбата, односно на информацијата која сме ја слушнале. Поточно, она што е
слушнато, се перцепира, но не се обработува целосно за да се создаде повратна информација
која ќе биде искажана, туку истото репетативно се враќа кон околината.
Видови ехолалија
Ехолалијата се дели на интерактивна и неинтерактивна ехолалија. Интерактивната
или функционална ехолалија, подразбира повторување на слушнати изрази кои се
дел од моменталната комуникација со друго лице и служат за лично искажување,
додека пак Неинтерактивната ехолалија, подразбира повторување на слушнати
искази кои се бесмислено искажани во неадекватна ситуација.
1. Интерактивна ехолалија
подразбира:
Повратна информација – кога лицето
со ехолалија во комуникацијата со друго лице дава одговор со повторување на
претходно слушнати фрази
Вербално комплетирање – кога лицето
со ехолалија треба да продолжи и дозаврши еден исказ од друго лице, па наместо
да го дополни исказот со соодветна содржина, тоа искажува фраза која што порано
ја слушнало
Давање информации – лицето со
ехолалија го користи говорот за да даде информација, но не може соодветно да ги
поврзи точките на ситуацијата. На пример, ако едно дете со интерактивна
ехолалија го прашате што сака да се напие, тоа наместо да ви даде соодветен
одговор, тоа ќе испее некоја песна од реклама за млеко што претходно ја
слушнало, што укажува на тоа дека му се пие млеко
Барања – лицето со ехолалија може да
праша дали вие сакате млеко, во тој случај ако бара да му дадете млеко
2. Неинтерактивна ехолалија
подразбира:
Нефокусиран говор – кога лицето со
ехолалија искажува нешто кое претходно било слушнато, неадекватно на
ситуацијата. На пример, кога родителите со детето се враќаат дома од логопед, а тоа почнува да повторува
сегменти од тоа што зборувал логопедот
Асоцијација на ситуации – говорот
кај лицето со ехолалија се активира под дејство на одредена ситуација, личност
или активност. На пример, ако детето надвор види некое маче, ќе почне да ја пее
песничката за некое маче од цртан филм што претходно ја слушнало на телефонот
Само-режирање на активностите –
лицето повторува веќе слушнати искази со цел да се води низ одреден процес,
односно ситуација, се додека истиот не го заврши
Проба – лицето да повтори некоја
претходно слушната фраза, неколку пати, пред да одговори адекватно на
ситуацијата
Дијагностика и третман
Ехолалијата најпрво
ја забележуваат родителите, затоа што нивното дете заостанува во говорот во
однос на своите врсници, а го повторува она што го слуша. Ехолалијата се
дијагностицира од страна на логопед, преку интеракција со детето, но често е
дијагностицирана и од педијатрите и психијатрите кои потоа го упатуваат детето
на логопед. Таа најчесто оди како дел од некое друго нарушување, а истата се
оценува од минимална, па се до тежок степен на ехолалија.
Третманот за ехолалија во прв план е говорно-јазичен, и истиот е спроведен од
логопед. Еден од најчесто користените методи при третманот на ехолалијата е CPP –
Cues-Pause-Point. Логопедот покажува картичка со слика кон детето, која го
прикажува одговорот на прашањето кое го поставува логопедот. Детето треба да ја
земе картичката и да ја именува. На тој начин се стимулираат рецептивниот и
експресивниот говор кај детето, вербалното памтење, визуо-моторната
координација а со самото тоа се влијае и врз намалување на ехолалијата.
Третманот треба да се практикува и во домашни услови на тој начин што
родителите ќе вежбаат со детето според насоките дадени од логопедот.
Во случаи кога постои раздразливост, опсесивност или анксиозност кај пациентот,
потребна е и консултација со психијатар за медикаментозна терапија.
Доколу забележите било каков симптом кај вашето дете за кој сомневате дека
посочува кон ехолалија или друго развојно нарушување, секогаш побарајте стручна
помош навреме.
Пишува: spec.slp. Bojan
e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan
Comments
Post a Comment