Причини за појава на ортодонски аномалии
Причините за појава на ортодонски аномалии се делат на:
А) Наследни
Наследни (генетски)
конституции на забалото, генетски мутации, вирусни инфекции во првите три
месеци од бременоста, специфични заболувања на мајката за време на бременоста
(зрачење, хепатитис, рубеола, различни видови терапии за време на бременоста,
алкохолизам, пушење, дрога...).
Б) Стекнати
Неправилен начин на
исхрана (конзумација на кашеста храна), декалцификација, рахитис, тонзили -
аденоидни вегетации, притисок на јазикот врз забалото, цицање на прст, долго
цицање од цуцла и друго.
Видови ортодонски аномалии и нарушувања
во говорот
А) Неправилности во соодносот на
вилиците
Прогенија (мезиопозиција на долната вилица) претставува состојба
при која долната
вилица е значително понапред поставена во однос на
горната вилица, при што профилот на пациентот е конкавен
и долната третина на лицето е повисока, зголемена. Доколку долните заби (мандибуларен
интерканин сектор) се 2-3mm понапред од горните предни заби, тогаш станува збор за блага форма на
прогенија. Во случаи кога долните предни заби се повеќе од 3mm понапред во однос на горните (максиларен интерканин
сектор), тогаш станува збор за тежок облик на прогенија. Причината за појава е
недоволно развиена горна вилица и нормално развиена долна вилица, нормално
развиена горна и преразвиена долна вилица или предвремен контакт на бочните
заби поради кој долната вилица е принудена да се излизга кон напред. Најчесто,
прогенијата како појава има наследен карактер.
Јазикот, заедно со долната вилица е поместен нанапред, нема потпора од предните
заби, па неговите движења се постојано видливи. Нарушувањата во артикулацијата
се јавуваат во вид на омисии, супституции и дисторзии на гласовите. Најчесто се
појавува Sygmatismus dentalis, Sygmatismus addentalis, Sygmatismus palatalis, каде се оштетени гласовите с, з, ц, а кај потешките
видови и гласовите ш, ж, ч, џ, ѕ, т, д, ќ, ѓ, н, л.
Протрузија (дистопозиција на долната вилица) е состојба при која
долната вилица е повнатре, поназад во однос на горната, споредбено со
нормалната состојба. Причините за појава се од наследна природа.
Формирањето на оваа состојба зависи од времето на окоскување, сутуралното
затворање (спојување на коските во предел на шевовите), нарушена респирација
(опструкции во дишењето или неправилно дишење), лоши навики на пациентот
(цицање палец, несоодветни цуцли...). Профилот на пациентот е конвексен,
долната третина на лицето е намалена, нагласена е вдлабнатината меѓу долната
усна и браздата е нагласена.
Кај протрузијата е отежнато дишењето на нос, како резултат на тоа што горната
вилица е тесна и има појава на високо – готско непце. Со ваква поставеност во
говорниот апарат, воздушната струја циркулира низ усната шуплина и ја зголемува
неправилноста во артикулацијата, која се манифестира во вид на омисија,
супституција и дисторзија на гласовите.
Ваквата поставеност на говорниот апарат создава промени во предниот резонаторен
простор за изговор на: денталните гласови (с, з, ц, т, д, л), постденталните гласови (ќ, ѓ),
алвеоларните гласови (ш, ж, ч, џ), билабијалните гласови (п, б, м), како и на
гласот р, кој недостасува кај потешките видови на протрузија. Состојбите кои се
појавуваат кај протрузијата се Sygmatismus
dentalis, Sygmatismus
labiodentalis (протрузија на
горните секачи).
Отворен загриз претставува ортодонтска неправилност во вертикална насока,
која најчесто се јавува во фронтот (предните заби не се допираат, постои
простор меѓу горните и долните заби). При отворен загриз зголемена е долната
третина на лицето, изразена е хипотонија на кружниот мускул на усните (m.
orbicularis oris), усните не се
допираат, нарушен е естетскиот изглед, како и функцијата на џвакањето и
голтањето. Јазикот не остварува правилен однос со алвеоларниот продолжеток на
горната вилица и со забите, истиот влегува во отворот меѓу забите, па честа е и
појавата на макроглосија (зголемен јазик) и високо – готско непце.
Отворениот загриз се јавува како:
- рахитичен отворен загриз
(намалена минерализација на коските, како последица на рахитис во раното
детство);
- скелетален отворен загриз (наследни фактори);
- поради лоши навики на пациентот (цицање на прсти, рака,
цуцла...);
- терапевтски отворен загриз (како последица на ортодонтски
третман).
Патологијата во артикулацијата се јавува во вид на Sygmatismus
interdentalis,
Sygmatismus addentalis (отворен
преден загриз) и Sygmatismus
palatalis.
Вкрстен загриз е појава (ортодонтска неправилност) при која
мандибуларните заби (забите од долната вилица) ги преклопуваат максиларните
(горни) заби, за разлика од нормалната, правилна состојба при која горните заби
ги преклопуваат забите од долната вилица. Причините за појава најчесто се
предолго задржување на млечни заби, предвремена екстракција (вадење) на млечни
заби, ерупција (никнување) на траен заб на погрешно место или во погрешна
положба, зголемен раст на долната вилица, нарушен раст на горната вилица.
Понекогаш, оваа појава има и наследен карактер.
Овој загриз може да биде изразен во различен степен (од tet
a tet позиција до целосно разминување
на забите) и да зазема различен процент од денталните
лакови (поедини заби, група заби, половина вилица или пак
забниот лак во целост). Оттаму, велиме дека постои едностран или двостран вкрстен
загриз.
При оваа состојба гласовите се нормално формирани, но е нарушен нивниот
квалитет, кој е проследен со шумови. Патологијата во артикулацијата се јавува
во вид на Sygmatismus
interdentalis и Sygmatismus
lateralis.
Б) Неправилности на поедини заби
Дијастема претставува растојание меѓу забите, најчесто меѓу
максиларните централни инцизиви (горни први секачи - единици). Во период на
млечна дентиција (млечни заби) присуството на простори (дијастеми) меѓу забите
е нормална појава, но во период на трајна дентиција (трајни заби) присуството
на простор меѓу горните предни заби може да биде причина за појава на
потешкотии при изговор на одредени гласови. Причините за појава можат да имаат
наследен карактер или пак неправилна положба на ресицата која ја прицврстува горната
усна (frenulum labii superior).
Најчесто при изговорот на високо фреквентните гласови с, ш и ц, доаѓа до тоа да
воздушната струја минува низ дијастемата, зголемувајќи ја јачината на
произведените шумови, со што тие се слушаат пискаво и доаѓа до појава на Sygmatismus stridens.
Недостаток
на секачите се јавува во период на мешана дентиција, односно периодот кога млечните
заби отпаѓаат и никнуваат трајните заби. Во одредени случаи, трајните
максиларни латерални инцизиви (горни втори секачи) едноставно не никнуваат
(анодолнија, хиподонција). Последиците се однесуваат на естетиката, говорот и
потешкотии во исхраната. Се јавува Sygmatismus
lateroflexus.
В) Неправилности на непцето
Високо (готско) непце претставува аномалија на тврдото непце. Кога
пациентот,
особено во период на раст, од било кои причини дише на уста, се
создава притисок во усната празнина во предел на тврдото непце кон носната
шуплина (нагоре). Бидејќи не постои соодветен притисок од носната шуплина,
непцето се стеснува и потиснува кон горе (назална шуплина), создавајќи го т.н.
високо или готско непце. Дополнително, причина за појава на високо непце е
присуството на лоши навики кај пациентот, како што е цицање на палец, цуцла,
играчка...
Како патологија во вербалната комуникација се јавува Sygmatismus pharingealis,
Sygmatismus velaris.
Расцепи на непце се јавуваат како последица на несраснување на
максиларните со назофронталниот процесус, во период од четвртата до дванаесеттата
недела од интраутериниот период. Причините за појава најчесто се генетските
мутации, но и вирусните инфекциии за
време на бременоста, одредени лекови кои ги зема трудницата, стрес, пушење и
друго. Расцепите се сметаат за најчести
вродени деформитети, кои почесто се јавуваат кај машките деца. Зависно од
структурата која е зафатена, расцепите може да се класифицираат како лабијални
(најчесто само горната усна, ретко долна), лабиопалатинални (горната усна и мал
дел од тврдото непце), палатолабијални (цело тврдо непце и горна усна),
палатинални (тврдо непце). Додека пак, зависно од тоа дали расцепот се наоѓа на
едната или двете страни на средишната линија (linea mediana), расцепите
можат да бидат еднострани и двострани. Кај пациентите со расцепи на непце има
комуникација меѓу оралната и назалната шуплина, што резултира со појава на
потешкотии при говор, дишење, исхрана. Најчестите нарушувања во вербалната
комуникација предизвикани од расцепите на непцата се Sygmatismus pharingealis, Sygmatismus velaris.
Кратко меко непце Мекото непце има
важна улога при актот на голтање и зборување (формирање и изговор на гласови).
Анатомски гледано, мекото непце е долго 25-40mm и со дебелина од 6-15mm, за да може да ја извршува својата функција. Доколку
мекото непце е пократко кај пациентите се забележува неможност за голтање на
течна храна (која се враќа низ нос) и патологија во вербалната комуникација од видот на Sygmatismus nassalis, totalis,
partialis.
Третман
Третманот на нарушувањата во вербалната комуникација предизвикани од ортодонски
аномалии е строго индивидуален и мултидисциплионарен. Најчесто во
дијагностиката и третманот се вклучени ортодонт, логопед, максилофацијален
хирург, генетичар и оториноларинголог - аудиолог.
Ортодонтски третман – подразбира ортодонтска корекција со употреба
на мобилни или фиксни ортодонтски помагала, кои имаат за цел со својот притисок
да ја исправат и подобрат положбата и соодносот на вилиците и забите. Кај
расцепите на непце се применуваат и протези - оптуратори.
Хируршки третман – одредени состојби како расцепите на непце и
тежок вид на прогенија, бараат хируршка корекција за најадекватно санирање на
нарушувањето.
Логопедски третман – третман кој е неопходен кај овие патолошки
состојби. Целта е развој на аудитивната прецепција и дискриминација на
гласовите, вежби на говорните органи за развој на физиолошката моторна подлога,
во преден план на јазикот.
![]() |
Антонина Јаковљев дипломиран забен техничар |
![]() |
spec.slp. Бојан Богдановски клинички логопед - специјалист |
Автори: spec.slp. Бојан Богдановски, клинички логопед - специјалист
Антонина Јаковљев, дипломиран стручен забен техничар
e-mail: slp.bojan@gmail.com
e-mail: a.jakovljev@yahoo.com
Instagram: @slp.bojan
Comments
Post a Comment