Расцепите на усната и непцето претставуваат најчести вродени малформации во
лицевата регија. Се смета дека на секои 500 – 700 новороденчиња, 1 се раѓа со
расцеп. Генерално, во јавноста се говори премалку за расцепите, а во суштина постојат
голем број на дечиња кои имаат расцепи, каде родителите се уште не знаат каде
точно да побараат помош за решавање на овој проблем. За таа цел, ви го
посветуваме овој стручен текст, кој се надеваме дека ќе биде од помош за сите
оние кои имаат дете со расцеп.
Што се тоа расцепи и како тие се
појавуваат?
Расцепи на усната и непцето претставуваат најчести вродени малформации во лицевата
регија кои настануваат како резултат на нецелосно сраснување на поедини
сегменти од орофацијалниот систем во периодот на раниот развој на ембрионот,
односно кои настануваат во текот на затварањето на ембрионалните пукнатини.
Во периодот на раниот развој на ембрионот, односно до 60-от ден, доаѓа до спојување на двата максиларни
процесуси со фронтоназалниот процесус, односно се создава хоризонтална преграда
која ги одвојува усната и носната шуплина. Со спојување на овие процесуси се
создава примарниот палатум - непцето. Целосното или делмното неспојување на
овие процесуси (продолжетоци) резултира со појава на целосни или
парцијални расцепи на усната, непцето (тврдо или меко непце) или обете, усната
и непцето. Ова резултира со нарушен изглед на детето, абнормален развој на
говорот, компромитирано дишење, нарушувања на слухот, потешкотии во исхраната,
а подоцна и нарушувања на психосоцијалната стабилност.
Причини за појава на расцеп
Расцепите се јавуваат како резултат од дејство на внатрешни (генетски) и
надворешни (средински) фактори, но во најголем
број случаи причината за појава на расцепите е идиопатска, односно
непозната, нејасна.
Причинители за појава на расцепи: генски мутации (најчество во склоп на различни синдроми –
Treacher-Collins
syndrome, Pierre Robin syndrome и
други), тератогени хемиски фактори,
несоодветна бременост (дефицитарна исхрана, конзумирање цигари, алкохол,
дрога), нарушено здравје на трудницата (вирусна инфекција во првото тримесечје,
сифилис, хепатитис, рубеола, грип, епилепсија, дијабетес, рентгенско зрачење),
изложеност на трудницата на лекови (цитостатици, хормонска терапија за
одржување на бременоста, стероиди, антиконвулзиви, антидепресиви, антиеметици)
или пак задоцнета ретрофлексија на главата на плодот (ненавремено, задоцнето
зафрлање на главата кон назад) која би требало да се случи во осмата недела од
интраутериниот период (осма недела од бременоста).
Најосетлив период е почетокот на ембрионалниот развој, односно, за расцепот на
усната периодот околу 5-6 недела, додека за расцеп на непцето, периодот меѓу 10
и 12 ембрионална недела. Оттаму, можеме да кажеме дека, доста поважно е во кој
период делувал штетниот фактор, отколку самиот штетен фактор.
Видови расцепи
Иако, постојат повеќе класификации на расцепите, ќе ја спомнеме поделбата во
однос на местото на јавување на расцепот. Расцепите можат да се јават
еднострано или двострано.
- Расцеп
на усната (cheiloshisis) – можат да се појават еднострано или двострано, а до нив
доведува нарушена фузија на медијалните назални процесуси;
- Расцеп
на непцето (palatoshisis) – до нив доведува нарушена фузија на палатиналните
процесуси;
-
Расцеп
на мекото непце (veloshisis);
-
Расцеп
на усната, алвеоларниот продолжеток и непцето (cheilognathopalatoshisis);
-
Расцеп
на увулата (ресичката);
- Расцеп
на непцето во средната линија –само на мекото непце или продолжува и на тврдото
непце;
-
Субмукозни
расцепи – тешко забележливи;
Атипични или ретки
расцепи - локализирани по средината на
долната усна, трансверзални на лицето (ороаурикуларни), слепа фистула на
долната усна.
Потешкотии предизвикани од расцепите
- Артикулациски нарушувања – оштетувања на гласови
за чиј изговор е важна поставеноста и односот на усните (п, б, м, ш, ж, ч, ќ,
ѓ), тонусот на мекото непце (к, г, х);
- Ринолалија
(хиперназалност) – назален говор како резултат на зголемен премин на воздушната
струја низ носот;
- Нарушувања на
логомоториката – намалена подвижност на усните што има директно влијание врз
разбирливоста на говорот, цицањето и голтањето;
- Напнатост на фонацискиот
апарат – појава на засипнатост, како резултат на создавање компензаторни
гласовни механизми;
- Нарушувања на слухот –
неадекватна функција на палатиналниот мускул кој има припој блиску до
Евстахиевата туба, што доведува до неможност за формирање негативен притисок во
средното уво, акумулација на вискозен леплив секрет, инфекции на ушите, премин
на храната во Евстахиевата туба;
- Ортодонтски аномалии – нарушен раст
и развој на вилиците и забите;
- Психолошки потешкотии –
намалена самодоверба, анксиозност и депресија.
Дијагностика и третман
Во дијагностиката на расцепите, односно во дијагностиката и процена на
функциите кај детето, учествува мултидисциплинарен медицински тим составен од: педијатар, неонатолог,
генетичар, максилофацијален хирург, ортодонт, логопед, оториноларинголог.
Третманот на расцепите најдобро е да се започне уште во најраната возраст,
односно првиот, вториот месец по раѓањето. Тимот кој учествува во третманот е
мултидисциплинарен и е составен од: максилофацијален хирург, пластичен хирург
(пластична, естетска и корективна хирургија), ортодонт, забен техничар,
логопед, оториноларинголог - аудиолог, психолог.
Обтуратор - претставува првиот вид
третман кај расцепите, односно претставува мобилно помагало, кое се изработува
посебно за секој пациент. Ова мобилно помагало се изработува според претходно
земен отпечаток (мерка) од ортодонт, а го изработува забниот техничар во
заботехничка лабораторија. Тој се изработува од акрилат (материјал сличен на
пластика) кој во целост, интимно налегнува на ткивата во усната шуплина, без
притоа да создава иритации. Обтураторот се поставува во устата на бебето со цел
привремено да се направи бариера помеѓу усната и носната шуплина, за да може
детето нормално да цица, голта и дише.
Хируршки третман – во хируршкиот
третман се вклучени максилофацијални, детски и пластични хирурзи. Примарната корективна
хирургија најдобро е да се изведе што порано, односно до три месечна возраст за
расцепот на усницата и до десет месечна возраст за расцепот на непцето.
Најчесто, се потребни дополнителни хируршки зафати: на возраст од четири до
пет години заради постоење на ринолалија (хиперназалност), на возраст од девет
до десет години за корекција на коскените абнормалности на алвеоларниот гребен,
како и естетски и корективни хируршки зафати по завршување на растот на детето.
Ортодонтскиот третман - на возраст околу 12 години, период на мешовита
дентиција (период на менување на млечните заби со трајни) се продолжува со
ортодонтскиот третман, односно се изработува апарат за рапидна максиларна
експанзија (ортодонтски апарат кој е поставен на забите, отстојува од непцето и
ја шири горната вилица). Со изработка на овој апарат се создава простор за сите
заби од трајната дентиција. Третманот продолжува со поставување на фиксни
протези или алтернатива за истите, со цел правилно позиционирање на трајните
заби, што е од големо значење за мастикацијата (џвакањето), правилната артикулација
на гласовите, естетиката и оптеретувањето на темпоромандибуларниот зглоб
(виличниот зглоб). По завршување на третманот со фиксни протези следува фазата
на ретенција, односно период кога пациентот носи ретејнери (ортодонтски
помагала) чија задача е да се зачува постигнатиот ефект од фиксните протези.
Третман на слухот – подразбира
пласирање на вентилациона туба преку тимпаностомија, за време на првата
операција. Целта на оваа вентилациона туба е вентилирање, односно надокнадување
на функцијата на Евстахиевата туба. По оперативниот третман на усницата и
непцето се препорачува доење.
Психолошки третман – наменет за
поголемите деца, каде нивниот изглед и состојба предизвикува намалена
самодоверба, анксиозност и депресија.
Логопедски третман – детето со
расцеп потребно е да започне логопедски третман пред, односно околу третата
година од животот. Говорот кај овие лица има специфични карактеристики, односно
ринолалија (хиперназалност), артикулациски нарушувања, нарушена логомоторика,
засипнатост, а честопати може да се појави и задоцнет говорен развој. Оттаму,
логопедскиот третман е составен од вежби за стимулација на развојот на говорот,
вежби за подобрување на тонусот на мекото непце, вежби за надминување на
ринолалијата, вежби за корекција на оштетените гласови, вежби за адекватна
активација и стимулација на логомоториката, како и вежби за нормализација на
фонаторниот апарат.
Нагласуваме, расцепите не се непроменлива состојба, напротив состојба за која
постои адекватен третман кој во голема мера може да ја олесни и подобри состојбата
на лицето со расцеп. Од таа причина,
секогаш навреме побарајте стручна помош!
Пишуваат: Бојан Богдановски,
клинички логопед – специјалист
Антонина Јаковљев, дипломиран забен техничар
Comments
Post a Comment