Skip to main content

За дислексијата

Дислексијата претставува нарушување при читањето, односно нарушување во совладувањето на читањето и покрај нормалната интелигенција, добриот вид и слух, системската обука, адекватната мотивација и останатите поволни едукативни, психолошки и социјални услови. Сепак, дислексијата не претставува само нарушување при читањето, туку претставува потешкотија која директно влијае врз квалитетот на секојдневното функционирање на лицето со дислексија, па од таа причина потребно е јавно да говориме за дислексијата и нејзиниот третман.



Причини за појава на дислексија

              Усвојувањето на пишаниот јазик е сложен процес врз кој влијаат бројни невропсихолошки процеси, како што се разбирањето на говорот, аудитивната и визуелната перцепција, помнењето, емоционалниот развој, интелектуалниот развој и моторните процеси за говорната продукција и репродукција.

                 Честопати, и покрај длабоките испитувања и истражувања, причинителот за појавата на дислексија останува идиопатски, односно непознат. Сепак, како можни етиолошки фактори за појава на дислексија можеме да ги спомнеме: наследните фактори, недоволно развиена доминација на хемисферите, трауми, периферни органски и функционални оштетувања, педагошка запуштеност на детето, општи потешкотии во развојот на говорот, потешкотии во просторната ориентација, неспособност за задржување на сликата на зборовите во помнењето, нарушувања на концентрацијата и други фактори.

                  Различни автори даваат различно мислење за причинителот на дислексијата. Додека некои велат дека причината лежи во визуоспацијалните дефицити, нарушувањата на аудитивната меморија, општи или специфични јазични дефицити, други велат дека причината лежи во замена на функцијата на левата и десната мозочна хемисфера, како и во гените. Но, едно е сигурно, а тоа е дека ниту еден фактор само по себе не е доволен за да предизвика дислексија.



Клиничка слика на дислексијата

                 Кај лицата со дислексија најчесто се појавуваат потешкотии во ориентацијата во просторот, потешкотии во аудитивната и визуелната перцепција, потешкотии во разликувањето на насоката лево – десно, невоедначен ракопис, емоционални проблеми, потешкотии во училиште. Дислексијата може да се појави како развојна и специфична дислексија.

                 За време на читањето се појавува преместување на редоследот на буквите во зборот, испуштање на буквите, заменување на буквите, додавање букви, одвоено читање збор по збор, повеќекратно повторување на првата буква од зборот, одвоено читање буква по буква, одвоено читање збор по збор, потешкотија во поврзувањето на буквите слични по облик, потешкотија во поврзувањето на печатните и ракописните букви, потешкотија во поврзувањето на буквите во континуирана низа, неспособност за запомнување на буквите, непочитување на интерпункциските знаци, прескокнување редови, потешкотии при разбирање на содржината на прочитаниот збор или текст, неправилно дишење за време на читањето, чести паузи во текот на читањето како потреба за одмор и друго.


Дислексија и нарушувања во пишувањето

                    Честопати, нарушувањата на читањето (дислексија) се пропратени со нарушувања во пишувањето (дисграфија) и нарушувања во визуелната перцепција, просторната ориентација, некоординирани движења на раката кои се манифестираат со: пишување од десно на лево, неуреден ракопис, превртување на буквите на спротивната страна, непочитување на интерпункциските знаци, буквите се пишуваат премногу збиено или премногу оддалечено, буквите се преголеми или премали, вметнување и изоставување слогови, промена на редоследот на буквите и слоговите во зборот, цртање предмети и ликови со превртени фигури и друго, што ни укажува дека третманот треба да биде насочен и кон читањето и кон пишувањето.



Психолошки проблеми кај лицата со дислексија


                  За лицата со дислексија читањето претставува мачна, тешко совладлива тешкотија која сакаат да ја избегнат, затоа што таа за нив носи чувство на неуспех, замор, фрустрација и незадоволство од себе. Затоа децата одбиваат да учат и да посетуваат училиште, затоа што тоа за нив носи само неуспех и тонење.

                  Психолошките проблеми кои можат да се јават кај лицата со дислексија се намалена самодоверба, намалена самопочит и самољубов, анксиозност, депресија, деструктивно или самодеструктивно однесување, агресија, деликвенција, зависности.



Дијагностика

                 За дијагностицирањето на дислексијата не е важен видот на грешките, туку дали постои поголем број исти грешки. Освен опсервирањето на читањето на лицето со дислексија се спроведуваат проценки на читањето, говорот, слухот, психолошка проценка, проценка на сознајните процеси (внимание, помнење...), што ни укажува дека во процесот на дијагностика треба биде вклучен мултидисциплионарен тим, односно: невролог, логопед, психолог, психијатар, дефектолог, оториноларинголог – аудиолог.

                  Во логопедската пракса за испитување на читањето се употребуваат: прашалник за испитување на читањето и пишувањето (Dyslexia, Dysgraphia, Dysortographia), тродимензионален тест за читање, тест за испитување на способноста за читање врз основа на тежината на текстот, артикулационен тест, скала за процена на дисграфичност на ракописот и други.



Третман

                Планот и програмата за третманот на лицата со дислексија е строго индивидуален и се креира во однос на состојбата и потребите. Во третманот е вклучен мултидисциплионарен тим, но во оваа прилика ќе се задржиме на логопедско-рехабилитацискиот третман, кој претставува водечки третман на дислексијата.


                Во третманите се применуваат најразлични вежби, од кои би ги набројале
:

-         Вежби за релаксација;

-         Вежби за развој на аудитивната перцепција;

-         Вежби за развој на визуелната перцепција и меморија;

-         Вежби за развој на просторната ориентација;

-         Вежби за внимание и концентрација;

-         Вежби за развој на гностичките функции;

-         Вежби за развој на моторика и тактилно-кинестетски осет;

-         Вежби за фина моторика;

-         Вежби за развој на окуломоторната и графомоторната координација;

-         Препознавање на гласовите по пат на анализа и синтеза на говорот;

-         Препознавање на буквите изолирано;

-         Изработка на букви од колаж, пластелин, цртање и боење букви;

-         Препознавање на буквите во слогови и зборови;

-         Изработка на слогови и зборови од колаж, пластелин, цртање и боење слогови и зборови;

-         Подготвителни психомоторни вежби;

-         Пишување графеми;

-         Читање од тетратка;

-         Сложување коцки од букви според насоки од логопедот;

-         Самостојно сложување концки од букви и гласно поврзување на буквите кои се редат;

-         Читање кратки познати текстови;

-         Читање непознати и подолги текстови;

-         Пишување и препишување;

-         Совладување на ортографските правила;

-         Развој на дисциплина;

-         Развој на самодоверба и самостимулација;

-         Други вежби.



Дислексија и потешкотиите на училиште

                 Како што веќе спомнав, училиштето за лицата со дислексија претставува место на неуспех, на нарушена самодоверба, на потсмев, па затоа училиштето за нив претставува една болна точка која сакаат да ја избегнат.

                 Сепак, од стравот не се бега, туку е потребно со истиот да се соочиме и да го победиме. Од таа причина вклученоста и едуцирањето на родителите и образовниот кадар е од големо значење. Потребно е да постои соработка меѓу логопедот, родителите и училиштето. Образовниот кадар е потребно да: ја препознае дислексијата и да ги упати родителите на место каде ќе побараат стручна помош, да покаже разбирање за потешкотиите со кои се соочува детето, да внимава на пристапот кон детето со дислексија, да примени индивидуален план, програма и пристап, да применува различни средства и помагала, да изгради позитивна атмосфера во класот и да ги запознае останатите ученици со тоа што е тоа дислексија, внимателно да го одреди видот на испитните мерки и видот на домашните задачи, да не го споредуваат ученикот со дислексија со другите ученици, да не бараат од детето повторно да го прави тоа каде не било успешно, да ја понудат својата помош онаму каде детето има потешкотија.



Совети

               Лицата со дислексија имаат потреба од тоа да бидат прифатени, сакани и признаени, да остварат потврдување на сопствената личност, да се чувствуваат слободно, сигурно и успешно. Доколку во вашето семејство имате член кој има дислексија или пак познавате лице со дислексија, потрудете се да се информирате што е тоа дислексија, како таа се манифестира, па потоа потрудете се да гледате на лицата со дислексија исто како и на сите останати лица, без потсмев и предрасуди. Потрудете се да го понудите вашето разбирање, поддршка и помош. Бидете мотивација и љубов за лицата со дислексија.



                А најважното од се, како за крај, дислексијата претставува состојба за која има соодветен третман. Побарајте ја стручната помош навреме!


Пишува:
м-р.спец. Бојан Богдановски, клинички логопед - специјалист, м-р. по С.Е.Р. - интелектуална попреченост и аутизам

Instagram: @slp.bojan
e-mail: slp.bojan@gmail.com


Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Фази на типичен развој

Иако секое дете има свој индивидуален развој, кој може во одредена мера временски да биде поразличен од развојот на друго дете, сепак се водиме според фазите на типичниот развој, каде секое отстапување од истите треба да биде разгледано и проценето од страна на стручно лице. 0 - 3 месеци При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на пл...