Skip to main content

Развој на изговорот на гласовите

Исклучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој.

Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој.

Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето:

1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепира говорот на мајката додека го дои и истовремено да остварува контакт со очи, па додека цица природно го остварува вдишувањето и издишувањето преку нос, со што при секоја гласовна реакција воздушната струја минува низ носот, што претставува база за усвојување на назалите. Појавата на гугањето и брборењето е проследена со движење на усните, па така детето ги усвојува билабијалните плозиви. Детето најпрво ги забележува најистакнатите делови од зборовите од околината, па се обидува да ги репродуцира или да ги сврзува во целини. Најчесто децата во овој период се трудат и можат да го репродуцираат првиот слог од зборот.

2. Да усвои гласови, но поради недостигнатата физиолошка зрелост и спретност на говорните органи, исто така и голем број гласови остануваат неусвоени. Поради ова, детето нецелосно ја перцепира структурата на зборовите, особено на посложените зборови каде може и воопшто да не ја перцепира нивната структура, па зборовите кои ги користи се со недостаток, односно испуштање на гласови (омисија) (пр. коа, наместо, коска). Овој недостаток е највеќе изразен кај зборови кои содржат поголем

број на согласки, па некогаш испуштањето може да биде и на цели слогови (пр. бони, наместо, бонбони), поради што говорот е неразбирлив и детето го разбираат само родителите, односно семејството.

3. По совладувањето на поголем број на гласови, детето почнува да се труди да ги изговори и употреби зборовите кои ги слуша, но поради нецелосната артикулациска развиеност и акустичките карактеристики на гласовите, детето неусвоениот глас го заменува, односно врши супституција, со веќе усвоен глас. На овој начин детето се повеќе се доближува до правилниот изговор на сите гласови. Супституцијата на неусвоениот глас може да биде извршена со различни усвоени гласови, но најчесто е извршена со усвоени гласови слични по звучност на неусвоениот глас.

4. Детето ги има усвоено сите гласови, но при изговорот тие можат да бидат изговорени меко, девокализирано, со недоволен интензитет на воздушната струја и слично, односно постои развојна дисторзија на гласовите која е преодна фаза кон здравиот и правилен изговор на гласовите.

5. Детето правилно ги изговара и употребува во зборот сите гласови, стремејќи се целосно да го постигне квалитетот на артикулација и комуникација како кај возрасните.

Покрај начинот на развојот на гласовите, од исклучителна важност е да го познаваме и временскиот развој на гласовите, како би знаеле кога станува збор за прифатливо неусвоен глас согласно возраста, а кога станува збор за патологија во вербалната комуникација.

Можеме да кажеме дека во литературата постојат повеќе поделби за временскиот развој на гласовите, но со секојдневната логопедска пракса можеме да потврдиме дека и покрај генерално прифатените временски рамки за развој на гласовите, индивидуалниот развој на децата придонесува некои гласови да се усвојат порано или пак подоцна во однос на утврдената временска рамка за развој на одредениот глас. Сепак, отстапката од временската рамка на развојот на одреден глас се толерира доколку таа постои во период до шест месеци.

Нагласуваме, дека од особена важност се логопедската превентива и логопедската дијагностика, што со други зборови значи дека отстапките од временската рамка на развојот на гласовите, треба активно да се пратат од страна на логопед, како би се дале совети за стимулација на продукцијата и усвојувањето на одреден глас, или како би се утврдило постоење на патологија во вербалната комуникација и би се започнало со што поран логопедски третман, со што полесно и побрзо би се надминал проблемот.

За таа цел ви ја претставуваме временската рамка за развој на гласовите:

 

Доколку детето и покрај надминатата временска рамка за усвојување на одреден глас, јавува нарушување на перцепцијата и/или артикулацијата на истиот глас, односно јавува патологија во вербалната комуникација, од исклучително значење е стручната логопедска дијагностика и логопедски третман.


Контакт:
e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan

Comments

Popular posts from this blog

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Процена на манипулативната вештина на рацете и диференцираност на моторика на прсти кај деца со аутизам

Процена на манипулативната вештина на рацете и диференцираност на моторика на прсти кај деца со аутизам Извадок Вовед : Живееме во време кога развојните нарушувања претставуваат состојби кои се се позачестени и кои бараат се поадекватен, поефективен и стручен третман. АСН претставува група на первазивни развојни нарушувања, проследен со нарушувања во социјалните интеракции, вербалната и невербалната комуникација и со стереотипни и репетативни облици на однесување. Процената на манипулативната вештина на рацете и диференцираноста на прстите кај децата со АСН е од особено значење, затоа што тие се во тесна поврзаност со говорно - јазичниот, емоционалниот и интелектуалниот развој на детето, а истите, честопати се нарушени или недоволно развиени кај овие лица. Главна цел на студијата е да се добијат податоци за манипулативната вештина на рацете и диференцираноста на моториката на прсти кај деца со АСН кои живеат на подрачјето на Република Северна Македонија, односно живеат или ...