0 - 3 месеци
При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на плачењето, плаче при незадоволување на некоја потреба, се смее додека му зборувате.
3 - 6 месеци
Детето додека лежи на грб ги подава рацете со цел да го кренеме во нашите раце, почнува кратко да седи со наша помош, при лежење може самостојно да се сврти од грб на стомак и обратно, ја носи сопствената тежина доколку го исправиме и го држиме под пазуви, со целата дланка фаќа предмети и може да ги подава, со поглед ги следи движењата во околината, се врти кон изворот на звуците од околината, ги става прстите и играчките во уста, препознава блиски од непознати луѓе, почнува активно да гуга и брбори, гласно се смее, изговара слогови без значење како ,,ба-ба-ба...”, ,,па-па’’, ,,ва-ва-ва...”, не гледа во уста и се обидува по нас да повтори ,,ба-ба-ба”, покажува променлива интонација за време на плачењето и гугањето.
6 - 9 месеци
Детето самостојно седи со потпирање на сопствените раце, почнува да лази така што се потпира на подот со двете дланки и двете колена, се задржува за мебелот во собата со цел да се исправи и да застане на нозе, при подигање постои активна флексија на главата, вратот и на екстремитетите, додека лежи на грб си ги става ножните прсти и стапалата во уста, посегнува со цела рака по предметите, се јавува истовремено користење на левата и на десната рака, се движи со лазење со цел да дојде до посакуваната играчка, покажува интерес за игра со криење на очите со дланките и игра со рачињата, кратко ги држи малите играчки и потоа ги фрла, почнува да го разбира своето име и имињата на блиските лица, почнува да продуцира нови разбирливи и неразбирливи исти слогови. Важно е да се нагласи дека некои деца ја прескокнуваат фазата на лазење, се исправаат и продолжуваат со одење.
9 - 12 месеци
Детето може од лежечка положба да се поткрене и самостојно да седне, при што може со движење на трупот и на рацете нанапред и настрана да посегнува кон предметите од неговата околина, доколку го држиме исправено за раце се обидува да чекори напред, сака да ја допира храната и почнува да јаде тврда храна, покажува интерес за ситни и за непознати предмети, покажува интерес за преместување на играчките од едно место на друго, покажува интерес за детално запознавање на играчките, почнува да употребува гест, покажува “чао” со раката, покажува со показалецот кон предметите кои ги сака, разбира и извршува кратки едноставни налози, продуцира разбирливи повторливи слогови како ,,ма-ма”, ,,ба-ба”, ,,та-та”, проследени со ниски тонови.
12 - 18 месеци
Детето иако се уште е нестабилно, сепак може самостојно да чекори, да се качува на стол и симнува од стол, прави обиди да се качува по скали, може да шутира топка со ногата, да фрла предмети држејќи ги со двете раце, фаќа молив со цела рака и чкрта на лист хартија, покажува се поголем интерес за тврда храна, се обидува самостојно да јаде со лажица и самостојно да пие од чаша, почнува да ги имитира возрасните, покажува интерес за нови разновидни играчки и нови начини на игра, разбира зборови како што се имињата на предметите во своето видно поле, продуцира разбирливи зборови со кои ги именува познатите лица и предмети, вокализацијата се зголемува, користи гест или говор за одбивање, барања и одговори.
18 - 24 месеци
Детето самостојно оди и самостојно трча, може да скокне со двете нозе истовремено, може да застане и да се исправи на прсти, може да искачи неколку скали, може самостојно да јаде, самостојно и стабилно да јаде со лажица, може да ниже монистра на жица, да реди кули од неколку коцки, се обидува правилно да го држи моливот и да повлекува линии, врши класификација на предметите по боја, има видно замислена игра, игра игри од типот ,,Ти си на ред” и играње со улоги, покажува самостојност за облекување и лична хигиена, разбира налози составени од два збора, односно од глагол и предмет (пример: ,,Дај рака!”, ,,Земи топка!”, ,,Фрли топка!”...), како и продуцира налози составени од два збора (глагол - предмет), што укажува на тоа дека фондот на зборови се зголемува за околу дваесетина и повеќе зборови, кои на детето му служат за да праша ,,Што е тоа?”, ,,Каде е тоа?”, ,,Дали може?’’ итн.
2 до 3 години
Кај детето изразено се развива грубата моторика, односно детето оди и трча со различна брзина, скока и оди на две нозе, може да вози велосипед, фаќа и фрла топка со две раце, се држи за оградата, но успешно и самостојно се качува по скали, има изразено замислена игра, речиси правилно го држи моливот, прави обиди да нацрта вертикална линија, пробува да сече со ножици, ги врти страниците на книгите една по една, се труди самостојно да се облекува и да води лична хигиена, ги проучува деталите на сликите и предметите, може да направи класификација во однос на неколку форми, почнува да користи виљушка, пие од шише или пие со сламка, може да изврши два кратка налога истовремено, ги разбира семејните односи (родители - баба и дедо), има фонд околу 300 зборови, одговара адекватно на кратки едноставни прашања, зборува и пее додека си игра, именува предмети, адекватно одговара со ,,ДА” и со ,,НЕ”, го познава својот пол, себе си се вика по име, користи реченица од 2 до 3 зборови.
3 - 4 години
Детето веќе трча без падови, скока на две нозе, а може неколку секунди да стои на една нога, може да оди по линија нога пред нога, детето трча стабилно, при држење на предметите истите може да ги крене над глава со двете раце, може да закопчува копчиња, правилно држи молив, црта форми, особено полукружни и кружни, сака самостојно да ги изведува сите активности, машките деца одат по мала нужда стоејќи, разликува долго од кратко, големо од мало, машко од женско, сегашно од минато, ги именува боите, забележува опасност (топла рингла, скршено стакло, инсект...), покажува виден интерес за околината и поставува прашања поврзани со истото, покажува емпатија, желба за дружење со други деца, изразен е стравот од темница, ги изговара гласовите: а, е, и, о, у, п, т, д, к, м, н, х, ј, в, с, ф, ц, ќ, ѓ, л, набројува од три до пет предмети кои ги гледа пред себе или на слика, одговара на прашањето ,,Што е тоа?”, користи лични заменки, фондот на зборови се зголемува од 900 до 1500 зборови, користи најмногу именки, глаголи и заменки, ги познава основните бои, користи прости или непотполни реченици од три - четири зборови, покажува голем интерес за околината, изразено сака да се шегува, да си игра и да разговара, го разликува својот пол, може напамет да научи некој стихж или кратка песничка, со прсти покажува колку години има, се зголемува неговото внимание.
4 - 5 години
Детето може да оди наназад, може околу 10 секунди да стои на една нога, од коцки прави замислени фигури, може да прецртува форми како круг и квадрат, може да препишува и пишува големи букви, некои деца можат да си го напишат името, црта замислено, црта човек составен од глава и тело, внимава на хигиената при извршување на физиолошките потреби, има регулација над физиолошките потреби дури и во текот на ноќта, знае да врзува врвки на патиките, знае само да го закопча и откопча патентот на облеката, знае да каже каде живее, колку години има, повеќе сака да си игра со врсниците отколку со возрасните, се јавува желбата за натпреварување, се јавуваат недоразбирања со врсниците, се јавуваат лоши соништа за време на спиењето, детето одговара на прашањето за што служи некој предмет, притоа употребувајќи неколку предлози, различни видови заменки, се зголемува фондот на зборови од 1500 до 2100 зборови, составува потполна реченица од четири до пет збора, почнува да раскажува што гледа, се уште не се формирани гласовите: г, с, з, р, ж, џ, ц, ч, р, л, ја зголемува желбата и потребата за социјализација со своите врсници, вниманието се зголемува.
5 - 6 години
Детето има добра контрола на рамнотежата, може да заобиколува и да прескокнува пречки при одењето, трчањето и скокањето, самостојно ги пишува буквите и броевите до 10 или до 20, може да прецрта триаголник, прецизно бои, цртањето е замислено и исполнето со детали, по цртањето детето раскажува своја замислена приказна за цртежот, сече со нож, ги класифицира предметите и ги поставува и/или враќа на нивното место, го разбира значењето на некои од професиите, го разбира значењето на храната и на парите, се јавува страв од имагинарни суштества (духови, вештерки, натприродни суштества видени на телевизија...), изразени чувства на бес, лутина, понекогаш агресија, изразена креативност во играта со врсниците, во потполност не ги контролира емоциите, па може да се јават бес, лутина и тага, фондот на зборови се зголемува до 2500 зборови, со примена на сложени реченици, учење напамет кратки песнички, сите гласови ги применува во сите три положби во зборот, има кратко идно предвидување (пример: колку години ќе има наредната година, дали после е утро или пладне, што ќе прави после...), имагинарната и креативна игра е силно изразена, опишува предмет кој не е во неговото видно поле, вниманието е зголемено дури и до пола час.
6 - 7 години
Детето може добро да одржува рамнотежа, насочено ја шутира топката за време на игрите со топка, може да оди нога пред нога на греда, може да скока на јаже, може да вози велосипед без помошни тркала, самостојно ги пишува буквите и броевите, црта различни форми, цртањето е осмислено, исполнето се детали, го планира водењето хигиена, може да си подготви едноставен оброк, сака да се вклучи и да помага во домашните обврски, може да дипли алишта, се развива чувството на срам, сака да ги изрази своите чувства и емоции, чита зборови и кратки реченици, го усвојува пишувањето, сече форми од хартија, го сфаќа значењето на зборот ,,симпатија”, се јавува стравот од недостаток на љубов, стравот од непознати луѓе, страв од осаменост, најчесто сака да си игра со врсници од ист пол, детето правилно ги изговара сите гласови, организирана е фонолошката свесност, ги именува годишните времиња, месеците и деновите во неделата, користи граматички сложени реченици, сака да слуша како му раскажуваат приказни и сака да раскажува приказни.
Над 7 години до адолесценција
Фината и грубата моторика целосно се организирани, когнитивните и бихејвиоралните капацитети се зајакнуваат, се јавува желбата да се биде возрасен, односно самостоен, се јавуваат првите симпатии и првите врски, се станува свесен за сопствената сексуалност.
Извор: Богдановски, Б., Гаспар, Ф., Јотовска, О. (2023). Прирачник за поддршка на родители на деца со пречки во развојот. Гевгелија: Гаспар, Фики.
Контакт:
e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan
Comments
Post a Comment