Skip to main content

ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ - Нарушувања на говорот

За интелектуалната попреченост, векови наназад, човекот зборува и истражува, што ни сведочат голем број записи уште од времето пред нашата ера. Интелектуалната попреченост во сите цивилизации била и е предмет на внимание и ангажираност. Изминале голем број терминологии за оваа состојба, меѓу кои и терминот ,,ментална ретардација, што денес е целосно неприфатлив. Освен терминологијата, низ годините се појавиле и најразлични принципи и пристапи за третман. Во овој текст ќе се задржиме за третманот на говорните нарушувања кај лицата со интелектуална попреченост.



Што е тоа интелектуална попреченост?

Интелектуалната попреченост претставува состојба на сопрен и нецелосен психички развој кој особено се карактеризира со нарушување на оние способности кои се јавуваат во текот на развојниот период и кои влијаат на општото ниво на интелегенцијата, како што се: когнитивните, говорните, моторните и социјалните способности. (СЗО)

Нарушувањата се манифестираат на ниво на однесувањето, социјалната адаптација, говорот, психомоториката, емоциите, чувствата, сетилата, претставите, вниманието, мислењето, памтењето, просторно-временските рамки, волјата, темпераментот.



Причини за појава на интелектуалната попреченост

Причините за појава на интелектуалната попреченост се делат на: пренатални, перинатални и постнатални:


А) Пренатални причинители за ИП

Вирусни инфекции, бактериски инфекции, спирохетни инфекции, паразитарни заболувања, изложеност на отрови, конзумација на поедини лекови, ексцесивно пушење, јонизирачко зрачење, анорексија кај мајката, малнутриција кај мајката, ендокрини нарушувања, хемолитичко заболување на фетусот и новороденчето, алкохолизам кај мајката, болести кај мајката.


Б) Перинатални причинители за ИП

Асфиксија на фетусот, интракранијално крварење, белодробна мембрана како хијалин кај новороденчето, механички притисоци на плодот, недоносеност.


В) Постнатални причинители за ИП

Инфекции (менингити, енцефалити, спирохетни инфекции, паразитни инфекции, абцес во мозокот), изложеност на отрови, малнутриција, ендокрини нарушувања, повреди, васкуларни нарушувања, имунитетна реакција.



Видови интелектуална попреченост


- Лесна интелектуална попреченост                  50 – 69
IQ;
- Умерена интелектуална попреченост             35 – 49 IQ;
-
Тешка интелектуална попреченост                 21 – 34 IQ;
-
Длабока интелектуална попреченост               под 20 IQ;
- Друга интелектуална попреченост;
-
Неспецифична интелектуална попреченост.




Нарушувања на говорот кај лицата со интелектуална попреченост

Нарушувањето на говорот кај лицата со интелектуална попреченост, во најголемиот број случаи зависи од тежината на интелектуалниот дефицит. Уште во првите години од животот, кај лицата со интелектуална попреченост се забележува успорен сензомоторен развој, проследен со отстапувања во гугањето, разбирањето и продукцијата на зборови и реченици.


                 При оваа состојба, нарушувањата на говорот се појавуваат како
: дислогии и алогии.

                 А) Дислогии

                 Под дислогии се опфаќаат сите специфичности во вербалната комуникација кај лицата со интелектуална попреченост.

                 Во најраната возраст, кај гугањето и баблингот е намалена разновидноста на гласовите кои детето ги  ги продуцира, интонацијата е стереотипна и недостасува динамика. Детето манифестира потешкотија да се насочи кон звуците од најтесната околина која го опкружува, што е предуслов за зголемување на говорното искуство, па затоа некогаш кај овие деца усвојувањето на првиот збор е дури после втората-третата година, а кај тешката и длабоката интелектуална попреченост и многу подоцна, или пак нема ни да се појави.

                 Кај овие деца постои потешкотија во аудитивната и визуелната дискриминација, односно потешкотии во препознавањето на разликите и сличностите, што се рефлектира врз вербалната комуникација, односно врз способноста за разликување на деловите на реченицата и пораката што тие ја носат, како и врз усвојувањето на правилата на говорна употреба.

                 Како детето расте, се повеќе се забележува потешкотијата при говорното изразување. Особено е изразена потешкотија при раскажување на некои настани и неадекватен редослед на зборовите во реченицата, што укажува на недостаток на врски меѓу говорната реализација и свеста.

                  Се појавуваат и нарушувања на говорната артикулацијата, односно неправилен изговор на поедини гласови. Најчесто се забележува сигматизмот. Се појавуваат и нарушувања на фината моторика, грубата моторика и графомоториката.


                   Б) Алогии

               Под алогии се подразбира неспособност за зборување кај лица со интелектуален дефицит. Најчесто се забележува кај лица со тешка и длабока интелектуална попреченост.



Логопедско-рехабилитациски третман на ИП

Логопедско рехабилитацискиот третман е строго индивидуален и за истиот се изработува план и програма кои се адаптирани во однос на тежината на состојбата и потребите на лицето со интелектуална попреченост. Третманот опфаќа:


А) Вежби за внимание со визуелни и аудитивни стимулации

Најпрво се започнува со вежби кои имаат за цел да го  насочат и задржат вниманието на детето кон изворот на дразбата. За таа цел се користат предмети со силни впечатливи бои, впечатливи форми и впечатливи звуци, кои би го привлекле вниманието на детето. Предметите се поставуваат во близина на детето, на различни страни. Целта е детето да го насочи своето внимание кон предметот кој испушта звук. Ваквите вежби се започнуваат со вкученост на два предмети и се практикуваат секојдневно.


Б) Вежби за фина моторика

Под фина моторика се подразбираат малите движења на коските, зглобовите и мускулите на шаката и прстите, кои се координирани и целта им е изведување на малите, прецизни движења. Развивањето на фината моторика е важно за целокупниот развој на децата. Развојот на фината моторика е во тесна поврзаност со развојот на говорот кај децата. Тука се применуваат вежби како пинцета фат, позиција на палец, вежби за движење на коренот на шаката, префрлање зрно по зрно грав и.т.н.


В) Вежби за визумоторна координација и усвојување на првите зборови

За потребите на оваа вежба се користат дупликат картички со слики од предмети и животни. На почетокот ја земаме раката на детето во својата рака и така земаме одредена картичка, ја именуваме и ја поставуваме на соодветната дупликат картичка. Започнуваме со именување на помал број картички, со поедноставни и општи зборови. Како поминува времето и како детето ќе ја развие својата визуомоторна координација и гест, така на детето му даваме одредена картичка, ја именуваме и самостојно треба да ја постави на соодветното место. Како напредува третманот, ги редиме картичките пред детето, ги именуваме, а детето треба да ги поставува на соодветната дупликат картичка. Како ова го усвојуваме, преминуваме само на именување, односно ние ја именуваме картичката, а детето треба со гест, односно до показалецот или дланката да ни ја покаже точната картичка. Со самото именување на картичките овозможуваме говорна стимулација, со што се очекува детето да ги именува картичките, а потоа истите зборови да ги применува и во природни ситуации.


Г) Логомоторика и артикулативни вежби

Подвижноста на говорните органи игра голема улога за изговорот на гласовите да биде правилен.  За таа цел низ игра се изведуваат логомоторички вежби за радвижување на јазикот, усните и лицевата мускулатура.

Преку запознавање на предметите и животните од околината, детето се стимулира да ги именува, да ги опише колку што може, односно да вербализира во однос на јасно утврдената ситуација, а при тоа да се детектираат и корегираат артикулациските нарушувања со примена на логопедски вежби.


Д) Вежби за релаксација

Како детето расте и стапува во контакт со социјалната средина, така можно е да се појават и конфликти со своите родители, врсници, осносно средината која го опкружува. Во тој период е изразена емоционалната нестабилност, која во голема мера се рефлектира врз говорот. За таа цел се применуваат техники за релаксација, техники за автосугестија, техники за правилно дишење и.т.н.


               Третманот на интелектуалната попреченост е мултидисциплинарен и бара голема стручност и посветеност врз детето. Потребен е тим од логопед, специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог), психолог, педијатар, психијатар, физиотерапевт, се зависно од состојбата и потребите на детето, како би се постигнале најдобри резултати.

                Затоа ги охрабрувам родителите кои имаат дете со интелектуална попреченост, да побараат стручна помош. Сите заедно, можеме многу повеќе за лицата со интелектуална попреченост!




Пишува
:
spec.slp.
Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист

Референца: Богдановски Б. Нарушувања на говорот кај лица со интелектуална попреченост. Деца.мк. https://deca.mk/opshtina-karposh-ne-mozhe-da-gi-izbrka-veke-zapishanite-detsa-od-gradinkite-veli-helsinshki-komitet/. 01 фебруари 2021

Контакт
:
e-mail:
slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan


Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Фази на типичен развој

Иако секое дете има свој индивидуален развој, кој може во одредена мера временски да биде поразличен од развојот на друго дете, сепак се водиме според фазите на типичниот развој, каде секое отстапување од истите треба да биде разгледано и проценето од страна на стручно лице. 0 - 3 месеци При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на пл...