Skip to main content

SLP.Bojan: Зголемен е бројот на деца кои проговоруваат на англиски јазик, а се уште доцнат во усвојувањето на мајчиниот јазик

Во секојдневието секој од нас се среќава со мали деца од три - четири - пет години кои одлично говорат англиски или друг странски јазик, а својот мајчин јазик скоро и да не го употребуваат, а акo го употребуваат тој е аграматичен и исполнет со странски зборови. Родителите оваа состојба ја сметаат за одлична, сметаат дека нивното дете е талентирано, дека е напредно и дека живее складно за во 21-от век, додека логопедските кабинети ги надминуваат своите капацитети и не постигнуваат со работа, токму поради овие состојби.


Да се познаваат и говорат странските јазици е голема предност и богатство, но во тој случај кога човекот има одлична говорно – јазична основа, односно кога веќе го има усвоено и одлично го употребува својот мајчин јазик. За едно мало дете, особено кога се наоѓа во периодот на говорно – јазичниот развој, усвојувањето на странските јазици за време на усвојувањето и развојот на мајчиниот јазик доведува повеќе до патологија во вербалната комуникација, отколку до бенефити за академските вештини.



Кога и зошто децата проговоруваат на странски јазик, а го изоставуваат својот мајчин јазик?


Изложеност на модерна технологија

Ова е проблем со кој секојдневно се среќавам во логопедската пракса. Родителите ги носат децата на преглед со телефон или таблет во рака, гледајќи некој цртан на странски јазик, а кога јас и моите колеги ќе ги прашаме нешто децата, или не не заприметуваат од што се затворени во тој модерно - дигитален свет или ни одговараат на привидно усвоениот странски јазик. Кога ќе ги прашаме родителите зошто ги изложуваат децата на модерна технологија, најчесто следат одговорите од типот ,,Сите деца користат телефон.”, ,,Сега е 21-ви век, детето треба да оди напред со технологијата, луѓето плаќаат за да учат, моето само знае.”, ,,Немаме време кога да играме со него, на работа сме, па мора да има со нешто да се занимава.”, и милион други изјави кои сведочат за носењето на детето кон патологија во вербалната комуникација.


Потоа тука следи логопедскиот преглед и дијагностика кои ни укажуваат на тоа колку модерната технологија си го направила своето. Нешто прво што се забележува е именувањето на предметите на странски јазик. На пример детето го прашуваме која боја е оваа боичка (зелена боичка), а детето одговара ,,Green”, или пак му покажуваме слика со куче, а детето одговара дека тоа е ,,Dog”. Но генерално проблемот не лежи само во тоа што детето користи само англиски зборови, туку тоа што и говорот е неразбирлив, постојат артикулативни нарушувања, нарушувања на фонематскиот слух, аграматизам, недостаток на концентрација и внимание, недостаток на имагинативна игра, нарушување на манипулативната спретност на раката (детето го држи моливот со цела рака, наместо со три прста, детето фаќа ситни предмети со цела рака, наместо со палецот и показалецот, нарушена е графомоториката) и други нарушувања.


Најголемата пречка за напредокот на детето и подобрувањето на неговата состојба е тоа што детето започнува со логопедски третман, а детето се уште е изложено на модерна технологија, што е лесно приметливо за нас стручните лица. Кога ќе им го посочиме повторно ова на родителите, тие најчесто се одбрануваат со тоа дека детето дома веќе со денови, недели и месеци не е изложено на модерна технологија, не сфаќајќи дека она што ние им го посочуваме пред се е за доброто на нивните деца.



Несоодветно воспитување на децата и недостаток на авторитет

Доволно е да се вратам на прегледите од изминатата недела, не повеќе, за да потврдам колку оваа состојба е зачестена. Родителите за време на прегледот се ,,расправаати се убедуваат со своите деца за тоа дека тие треба да јадат цврста храна или пак да не ги условуваат со тоа дека за да јадат, мора да им се пушти цртан филм на странски јазик, и покрај тоа што децата веќе имаат четири, пет, шест и повеќе години. Една мајка ми кажа ,,Моето дете има четири години и одбива да јаде цврста храна, јаде само блендирано. Ако не му дадеме блендирано, тој ден не сака да разговара со нас и не удира.”, додека пак други родители ми рекоа ,,Нашето дете има пет и пол години и не сака да јаде, ако не е седнато пред телевизор или телефон.”. Иако, можеби навидум овие состојби за некого изгледаат наивно и смешно, тие се секојдневен проблем и потешкотија.

Пред се, активноста и добрата развиеност на говорниот, како и џвакалниот апарат, е предуслов за добар говор, односно говор без артикулациски нарушувања, кој е тесно поврзан со начинот на исхрана. Потоа, да го наведиме фактот дека родителите ги хранат своите деца дур тие гледаат цртани на странски јазик, а потоа се чудат зошто детето не јаде самостојно и зошто детето говори на странски јазик, а не на својот мајчин јазик. Детето на три години и постара возраст треба само да се храни користејќи лажица, да внесува тврда храна, а најмалку да биде изложено на модерна технологија во тој период, кој во суштина и е најзначаен за говорно – јазичниот развој кај детето.


Од друга страна да го посочиме и несоодветното воспитување на децата, како и недостатокот на авторитет. Во прв план, родителот е тој кој на детето му го дава телефонот во рака уште од најмала возраст, се чуди како неговото дете така одлично го има совладано странскиот јазик во однос на мајчиниот јазик, па потоа тоа го смета за ,,талент и постојано го стимулира детето некој збор да му го каже на мајчин, но и на странски јазик.

Но кога детето ќе тргне во градинка, родителот веќе го споредува своето дете со другите деца од градинката и забележува дека неговото дете доцни во развојот на говорот и усвојувањето на мајчиниот јазик, па доаѓа времето кога треба се посети логопед. Тука една мајка ме праша ,,Зошто да му ускратувам на моето дете да гледа цртани, кога подобро е сега на три години да научи англиски, отколку подоцна да посетува курсеви? Плус ако не му дадеме да гледа цртани се лути и не удира, па потоа не сака да јаде.”, што укажува дека несоодветното воспитување и недостатокот на авторитет завземаат се поголем замав.


Важно е да напоменеме дека кога зборуваме за авторитет не мислиме за вербално вршење притисок или на насилно однесување врз детето. Овие две нешта се целосно забранети во процесот на воспитување и авторитет врз детето. Авторитетот подразбира да бидете најголеми другари со вашето дете на кое му нудите огромна љубов и внимание, но истовремено да му укажете дека вие сте другарот на кој можат да се потпрат и да му веруваат кога тој вели дека детето треба нешто да направи, односно дали нешто може или не може.



Билингвизам

Билингвизмот, односно двојазичноста, е еден од факторите за забавен говорен развој. Најчесто е присутен во семејства каде родителите се од различна националност и говорат пред детето на различни јазици, деца припадници на национални малцинства, деца изложени на два јазика дома и во градинка. Билингвизмот може да го успори развојот на говорот во говорно – јазичниот период, а поради тоа се препорачува во овој период на детето да му се посветува големо внимание и доволно време, како и пред детето да се говори само на еден јазик.



Развојни нарушувања на говорот и јазикот

Развојните нарушувања на говорот и јазикот како што се оние кај аутизмот и развојната дисфазија се препознатливи по тоа што постои ехолалија (повторување на веќе слушнатото). Овие деца и покрај тоа што се уште го немаат усвоено мајчиниот јазикот, тие веќе говорат фрази на странски јазик кои ги слушнале на телевизија. Сепак, за разлика од децата кои се изложени на технологија и немаат нарушувања во развојот, овие деца фразите на странски јазик не ги употребуваат како функционален говор, туку како ехолалија, која може да биде моментална или одложена. Најчесто интересот го пронаоѓаат во цртани и предмети како што се диносауруси, планети, итн.


Ги советувам родителите да не ги изложуваат своите деца на модерна технологија и на странски јазик, правилно да го говорат мајчиниот јазик и своето максимално слободно време и љубов да ги посветат кон своите децата, затоа што тоа е предуслов за еден здрав детски развој. А тогаш, кога родителите се сомневаат дека има некаков застој или нарушување во говорот кај нивните деца, да не чекаат, туку веднаш да побараат стручна помош од логопед.



Пишува
: м-р.спец. Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист, м-р. по СЕР од областа на интелектуалната попреченост и аутизам

Instagram: @slp.bojan
e-mail: slp.bojan@gmail.com



Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Фази на типичен развој

Иако секое дете има свој индивидуален развој, кој може во одредена мера временски да биде поразличен од развојот на друго дете, сепак се водиме според фазите на типичниот развој, каде секое отстапување од истите треба да биде разгледано и проценето од страна на стручно лице. 0 - 3 месеци При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на пл...