Skip to main content

ФОНОЛОШКИ НАРУШУВАЊА - се почеста појава кај децата

Дали сте забележале дека некои од децата можат правилно да изговорат еден глас кога е изолиран, но не се сигурни каде точно треба да го употребат тој глас во зборот?

На пример, иако можат правилно да го изговорат гласот Ж кога е изолиран, сепак наместо да кажат ,,жаби, тие ќе кажат ,,заби”.

Доколку досега мислевте дека ова е нарушување на артикулацијата, односно неправилен изговор на некој глас, сепак ова е друг вид на патологија во вербалната комуникација кој се нарекува фонолошко нарушување.


Што се фонолошки нарушувања?

Фонолошки нарушувања претставуваат нарушувања на моторната продукција на гласовите и на јазичката репрезентација на сликата за гласови, односно тешкотии во аудитивната перцепцепција, аутидитвната дискриминација, менталната репрезентација на гласовите и вербалното помнење, кои влијаат врз артикулацијата на гласовите, со или без тешкотии во усвојувањето на читањето и пишувањето. 

Со други зборови, би кажале дека фонолошките нарушувања се патолошка појава која влијае врз правилното перцепирање на гласовите од околината, правилното препознавање на слушнатиот глас од околината, сликата која ја имаме за одреден глас, вербалното памтење и слично. Овие нарушувања доведуваат и до појава на други состојби, како артикулациски нарушувања, потешкотии во читањето, потешкотии во пишувањето.

Што е фонолошка способност?

Фонолошка способност претставува организиран систем на гласови во јазикот на човекот кој овозможува формирање и разбирање на јазичкото значење. Фонолошката свест, фонолошката меморија и брзото именување се аспекти на фонолошката способност кои детето мора да ги совлада уште во најрана возраст, како не би дошло до појава на фонолошки нарушувања, потешкотии во читањето и пишувањето и слично.

Детето уште во најрана возраст ја развива фонолошката способност со што таа му овозможува да ги препознава, разликува и усвојува гласовите од околината. Потоа детето ја развива способноста да ги забележува изразените разлики во зборовите и римата. Околу четвртата година се развива свеста за тоа дека зборовите се составени од слогови, додека од петата година детето веќе е способно да продуцира рима и да ги издвои првите неколку гласа од зборот. Веќе во шестата година се развива способноста за расчленување на зборот на неговите составни гласови и слогови, и обратно, составување на зборот од неговите расчленети составни гласови и слогови (анализа и синтеза на гласови), способност за брзо именување, дополнување на зборот со гласови кои му недостасуваат, расчленување на реченицата на нејзините помали составни делови и слично.

Секоја отстапка од овој развој доведува до нарушување на фонолошката способност и појава на фонолошки нарушувања.


Како се манифестираат фонолошките нарушувања?

Фонолошките нарушувања се манифестираат така што
:

- детето не ги перцепира и препознава некои од гласовите кои ги слуша;
- појава на тешкотии во изговорот на гласовите;
- правилен изговор на одреден глас која е изолиран, односно одделно кажан, но појава на тешкотии во изнаоѓањето на неговото место во зборот;
- неспособност за изнаоѓање на рима;
- неспособност за брзо именување;
- неправилна употреба на гласовите во изговорот;
- намалена разбирливост на говорот;
-
претставуваат причина за појава на потешкотии во читањето и пишувањето;
- друго.


Која е причината за појава на фонолошките нарушувања?

Голем број научни студии насочуваат на тоа дека причината за појавата на фонолошките нарушувања лежи во наследните фактори, генетските нарушувања, оштетувањата на слухот, невролошките нарушувања, развојните задоцнувања и слично, но сепак се уште не постои точно потврдена причина за појавата на овие нарушувања, поради што причината за нивна појава најчесто останува идиопатска, односно непозната.

Фонолошките нарушувања честопати се забележуваат кај децата со дислалија, развојна дисфазија, аутистичен спектар на нарушувања, децата со оштетувања на слухот, интелектуална попреченост, дислексија и дисграфија, пелтечење и друго.


Разлики меѓу артикулациските и фонолошките нарушувања


Иако артикулациските и фонолошките нарушувања честопати одат заедно, фонолошките нарушувања честопати остануваат незабележани, додека фокусот се насочува на неправилниот, односно оштетен изговор на некој глас, па потоа се смета дека станува збор само за артикулациско нарушување, односно дислалија. Од таа причина, од големо значење е да се направи разлика меѓу фонолошките и артикулациските нарушувања, од што во голема мера зависи видот на третманот и прогнозата кај пациентот.

Фонолошки нарушувања
:

- правилен изговор на одреден глас која е изолиран, односно одделно кажан, но појава на тешкотии во изноаѓањето на неговото место во зборот;
- непредвидливи и секогаш различно манифестирани грешки во говорот;
- неправилно додавање и одземање на гласови и слогови во зборот, изоставување на правилниот распоред на елементите во структурата на зборот, нарушување на способноста за рима и брзо именување;
-
појава на нарушувања и во другите аспекти на јазикот.

Артикулациски нарушувања:

- погрешен изговор на еден глас насекаде во зборот;
- исти, односно постојани грешки во говорот;
- неправилна артикулација само на одреден глас во вид на супституција, дисторзија или омисија;
не постои појава на нарушувања и во другите аспекти на јазикот.


Дијагностика и третман

Дијагностиката ја изведува логопедот, при што применува посебни тестови и методи за дијагностика. Тертманот, исто така, е изведуван од страна на логопедот, и истиот е составен од логопедски вежби, техники, методи и логопедски инструменти/апарати. Во процесот на дијагностика и третман, можат да се вклучат и други медицински лица како
оториноларинголог, аудиолог, психијатар, педијатар и други медицински кадри, особено кога е потребен мултидисциплинарен пристап. Исклучително е важно дијагностиката и третманот да бидат длабински и високо професионално и стручно изведени.

Совети до родителите

- Навремено побаратјте стручна помош доколку забележите артикулациско или фонолошко нарушување кај вашето дете
;
- Навремено побарајте стручна помош доколку забележите и најмала отстапка во говорот и јазикот, односно развојот на вашето дете;
- Уште од најрана возраст комуницирајте со вашите деца, пејте им и раскажувајте им приказни на мајчин јазик;
- Не ги изложувајте вашите деца на модерна технологија, особено не на странски јазик;
- Анализирајте ги зборовите, нивните составни елементи, составувајте зборови од дадени гласови/букви;
- Пејте песнички со многу рима;
- Поминувајте што повеќе време со вашите деца, нудете им многу љубов и внимание.


Пишува:
м-р.спец. Бојан Богдановски, клинички логопед-специјалист, м-р. по СЕР - интелектуална попреченост и аутизам

Контакт:

e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan

Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Фази на типичен развој

Иако секое дете има свој индивидуален развој, кој може во одредена мера временски да биде поразличен од развојот на друго дете, сепак се водиме според фазите на типичниот развој, каде секое отстапување од истите треба да биде разгледано и проценето од страна на стручно лице. 0 - 3 месеци При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на пл...