Skip to main content

SLP.Bojan - Пелтечење и самодоверба кај младите

По дефиниција, пелтечењето претставува говорно нарушување во кое флуентноста на говорот е прекината со повторувања, пролонгирања или абнормални прекини на гласовите или зборовите (WHO). Но во глобала, пелтечењето претставува една многу покомплексна состојба која е проследена со нарушена флуентност на говорот, прекината со грчеви, затреперување или абнормалност во фонацијата и дишењето, долги паузи, спазми на говорните органи, тикови, пад на самодоверба, анксиозност, психолошки потешкотии, и друго.

Етиологијата на пелтечењето е нешто што е во постојано истражување. Во поголемиот број случаи, како кај децата, така и кај возрасните, причината за појавување на пелтечењето е непозната. Пелтечењето според голем број автори има полиетиолошка природа, па како некои од факторите кои влијаат врз појавата на пелтечењето би ги набројале: генетски предиспозиции, невромускулни фактори, лингвистички фактори, психолошки фактори, неправилно дишење, фактори поврзани со средината, фактори поврзани со секојдневието, други причини.

Пелтечењето кај децата најчесто се јавува како автентично, комуплсивно-спастично пелтечење во развојниот период, додека пак кај возрасните може да се јави како: пелтечење од органски тип (епилепсија, експресивна афазија, Паркинсонова болест), пелтечење од невротски тип (анксиозни, експлозивни, агресивни, хиперсензитивни  личности),  пелтечење од хистеричен тип (непосредно по доживеан стрес, кое може да биде пропратено со афонија), пелтечење во склоп на тахифемија (тахифемија и логореа), како и пелтечење во склоп на длабоки пореметувања  на личноста (Border line синдром и психотични пореметувања).

Тешката форма на пелтечењето се карактеризира со силни запирања во говорот проследени со безгласно отварање и затварање на устата, повторување и продолжување на гласовите и слоговите, вметнување на неадекватни гласови кон одредениот збор, надувување на образите, што доведува до појава на психолошки тешкотии во вид на чувство на анксиозност и срам, намалена самодоверба, срам, потење, триење на рацете или тегнење на ракавите, тикови (пр. движење со телото напред-назад за време на пелтечењето, замавнување со главата, трепкање со очните капаци), како и ,,измореност” и страв од говорот. 

Честопати, лицата кои пелтечат се поинаку гледани од околината, се исмевани и ,,покажувани со прст”, што доведува до зголемување на психолошките тешкотии кај лицето кое пелтечи, зголемен пад на самодовербата, повлекување на личноста, што води до влошување на пелтечењето. Алармантно е тоа што секојдневната пракса ни покажува дека голем број млади како причина за појава на своето пелтечење или причина за влошување на своето пелтечење го пријавуваат булингот (врсничкото насилство), што во ниту еден случај не е дозволиво. Со самиот пад на самодовербата се јавува страв од зборување пред другите лица, изнајдување на компензаторни механизми на зборување, замена на еден збор на кој лицето мисли дека ќе се јави пелтечењето со друг збор, и слично. Стравот од говор подоцна доведува до посилно пелтечење.

Падот на самодовербата кај младите кои пелтечат, честопати доведува до повлекување на младиот човек и појава на потешкотии во социјалното функционирање, што е од големо значење за секој млад човек.

Сепак, нагласувам дека на лицата кои пелтечат можеме да им понудиме квалитетен и стручен третман, кој значително може да го промени квалитетот на нивниот живот.

Лицата кои пелтечат ги советувам:

- споделете го проблемот со вашите најблиски;
- не се срамете од својот говор, најголемиот срам е да се има срам од себе си;
- запознавањето на околината со вашиот проблем води до надминување на срамот и предрасудите;
- едукацијата е решение за секој проблем – едуцирајте се за вашата состојба;
- не ги собирајте негативните емоции во себе, споделете ги со психолог, побарајте помош од психолог и психијатар, пријавете го булингот;
- побарајте помош и третман од логопед, логопедот е медицинско лице кое го дијагностицира и успешно го третира пелтечењето;
- избегнете го стресот, на тој начин што ќе работите на својот личен развој;
- бидете физички активни, се препорачува пливање, пешачење;
- користете техники за релаксација – медитација, афирмации;
- друго.

Како за крај, Ве советувам навремено да побарате стручна помош од логопед, затоа што раната превенција, дијагностика и третман се клучен фактор за исходот кај секоја патолошка состојба.


Пишува:
м-р спец. Бојан Богдановски, клинички логопед-специјалист, м-р. по СЕР - интелектуална попреченост и аутизам

Контакт:

e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan

Comments

Popular posts from this blog

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Процена на манипулативната вештина на рацете и диференцираност на моторика на прсти кај деца со аутизам

Процена на манипулативната вештина на рацете и диференцираност на моторика на прсти кај деца со аутизам Извадок Вовед : Живееме во време кога развојните нарушувања претставуваат состојби кои се се позачестени и кои бараат се поадекватен, поефективен и стручен третман. АСН претставува група на первазивни развојни нарушувања, проследен со нарушувања во социјалните интеракции, вербалната и невербалната комуникација и со стереотипни и репетативни облици на однесување. Процената на манипулативната вештина на рацете и диференцираноста на прстите кај децата со АСН е од особено значење, затоа што тие се во тесна поврзаност со говорно - јазичниот, емоционалниот и интелектуалниот развој на детето, а истите, честопати се нарушени или недоволно развиени кај овие лица. Главна цел на студијата е да се добијат податоци за манипулативната вештина на рацете и диференцираноста на моториката на прсти кај деца со АСН кои живеат на подрачјето на Република Северна Македонија, односно живеат или ...