SLP.Bojan & Наташа Ангелоска-Галевска - Примена на квалитативните методи на истражување во специјалната едукација и рехабилитација со фокус на интервјуто со деца и маргинализирани групи
Универзитет Св. Кирил и Методиј, Филозофски факултет – Скопје, Република Македонија Богдановски Бојан
ГАСПАР – центар за психофизичко здравје, Република Северна Македонија
Апстракт
Адекватниот избор на истражувачки методи и техники е клучен за успехот и квалитетот на едно научно истражување. При тоа треба да се размисли за ограничувачките фактори и можностите тие да бидат надминати. За сеопфатни и објективни сознанија се препорачува методолошка триангулација, односно комбинирано користење на методи од квантитативен и квалитативен карактер како и примена на повеќе варијанти на еден метод.
Квантитативните методи на истражување овозможуваат прецизно мерење на ефектите од образовните и рехабилитациски интервенции. Сепак, тие имаат и одредени ограничувања особено во однос на занемарување на контекстот и специфичностите на субјектот, како и неможноста да се обезбеди голем и репрезентативен примерок што условува натамошни проблеми со квалитетот и валидноста на податоците, како и со генерализацијата на заклучоците од истражувањето.
Примената на квалитативните методи доведува до богати и детални информации за искуствата и перспективите на учесниците, кои се особено корисни во истражувањето на сложени и субјективни искуства својствени за дефектолошката проблематика. Од овие причини трудот има за цел да ги прикаже специфичностите на примената на квалитативните методи во истражувањата од областа на специјалната едукација и рехабилитација. При тоа, поради бројните предности го избравме интервјуто со посебен акцент на неговата примена со деца и маргинализирани групи, како популација која е често игнорирана и ретко се води грижа за нивните мислења и ставови.
Трудот содржи резултати од интервју со деца со пречки во развојот, но ги опишува и постапките и предизвиците за време на интервјуирањето како и начинот и процедурите на квалитативна обработка на податоците. Следствено, покрај сознанијата за темата, трудот треба да послужи како водич за примена на оваа техника, од нејзиното планирање и специфичностите на примена со деца и маргинализирани групи до анализата и интерпретација на податоците. Со овој труд се збогатува потребната литература од оваа област и се даваат практични совети за успешна истражувачка работа во специјалната едукација и рехабилитација.
Клучни зборови: квалитативни
методи, интервју, деца со пречки во развојот
Вовед
Адекватниот избор на истражувачки методи и техники е клучен за успешноста на едно научно истражување. При изборот на истражувачките стратегии и инструменти поаѓаме од целта на истражувањето, конкретното истражувачко прашање и контекстот, варијаблите за кои треба да дојдеме до податоци, достапноста на примерокот, етичките аспекти и други методолошки параметри. При тоа треба внимателно да се размисли за ограничувачките фактори и барањето можности тие да бидат надминати. За сеопфатни и објективни сознанија се препорачува методолошка триангулација, односно користење на повеќе методи од квантитативен и квалитативен карактер како и примена на повеќе варијанти на еден метод со цел да се добијат повалидни резултати и да се овозможи поголема сигурност и издржаност на истите. „Tриангулацијата во нејзината поширока смисла, не се сведува само на одреден вид истражувачка практика, туку и на своевидна филозофија на истражување. Утврдувањето на валидноста на добиените податоци, или на слабостите во поставеноста на самото истражување е само една од функциите на триангулацијата. Таа овозможува општествените проблеми и појави да се проучуваат во нивната комплексност и во контекстот во кој се јавуваат, добивајќи сознанија за повеќе аспекти и стекнувајќи целосна претстава за нив. Општествените феномени се сложени, динамични, полифакторални, мултидимензионални така што потпирањето само на една или две истражувачки техники може да резултира со површни и нецелосни податоци.“ (Angeloska-Galevska & Iliev, 2018, 45-46).
Користењето на квантитативната методологија во истражувањата од областа на специјалната едукација и рехабилитација обично вклучуваат експериментален метод и примена на анкети, стандардизирани тестови, скали на процена, систематско набљудување. Овие методи им овозможуваат на истражувачите да ги квантифицираат ефектите од образовните и рехабилитациските интервенции и да ја споредат ефикасноста на различните пристапи. Сепак, овие методи имаат и одредени ограничувања особено во однос на занемарување на контекстот и специфичностите на субјектот. Нивната примена најчесто не нуди можност да се разбере и опише комплексноста на индивидуалните искуства и субјективните перцепции на учесниците. Дополнително, „примената на квантитативните методи и статистичката обработка честопати се ограничени во можноста за генерализација поради малиот примерок и неможноста за случаен избор на испитаниците. Субјектите за истражување се потешко достапни, помалубројни и со похетерогена структура. Сите три карактеристики претставуваат ограничувачки фактори за примена на квантитативните методи. Прашањата за валидност се посебно присутни во експерименталните истражувања.“ (Angeloska-Galevska, 2014; 423).
Наспроти квантитативната методoлогија, примената на квалитативните методи доведува до богати и детални информации за искуствата и перспективите на учесниците. Тие можат да помогнат да се надминат ограничувањата на квантитативните методи преку обезбедување на длабинско разбирање на феномените што се проучуваат. Дополнително, квалитативните методи можат да бидат особено корисни во истражувањето на сложени и субјективни искуства, како што се среќаваат во дефектолошката проблематика. Од овие причини трудот има за цел да ги прикаже специфичностите на примената на квалитативните методи во истражувањата од областа на специјалната едукација и рехабилитација. При тоа, поради бројните предности го избравме интервјуто со посебен акцент на неговата примена со деца и маргинализирани групи.
Трудот содржи резултати од примена на интервју со деца со попреченост, при што се појаснуваат начинот и процедурите за негова успешна примена. Покрај сознанијата за темата, трудот треба да послужи како водич за примена на оваа техника, од нејзиното планирање и специфичностите на примена со деца и маргинализирани групи до анализата и интерпретација на податоците. Со овој текст се надополнува дефицитот на литература од оваа област и се даваат практични совети за успешна истражувачка работа во специјалната едукација и рехабилитација.
Предности на примената на
квалитативните методи на истражување во специјалната едукација и рехабилитација
Квалитативните методи на истражување се погодни за примена во специјалната едукација и рехабилитација бидејќи обезбедуваат подлабоко и понијансирано разбирање на искуствата и перспективите на учесниците. Некои најчесто користени квалитативни методи во оваа област вклучуваат:
1. Анализа на содржина: контекстуална, квалитативна, рефлексивна, која има за цел да открие и скриените, симболички значења во текстот, како и преносните, латентни пораки содржани во него.
2. Интервју: длабинско, лице-в-лице или телефонски разговори со испитаниците за да се соберат информации за нивните искуства, верувања и перспективи.
3. Фокус групи: Дискусии меѓу мала група учесници со слични искуства или перспективи, обично поддржани од истражувач или обучен модератор.
4. Набљудување: Набљудување со учество на истражувачот или партиципативно набљудување на учесниците во нивната природна средина за да се соберат информации за нивното однесување и интеракции.
5. Студии на случај: длабинско испитување на поединец или мала група поединци, обично преку комбинација на интервјуа, набљудувања и анализа на релевантни документи и записи.
6. Етнографски студии: длабинско испитување на одредена култура или заедница, обично преку комбинација на партиципативно набљудување, интервју, анализа на културни артефакти и други релевантни материјали.
7. Наративна анализа и анализа на конверзација: Испитување на раскажувањата, приказните или наративите од учесниците, често за да се откријат нивните искуства, перспективи и верувања.
Квалитативните методи обезбедуваат богати и детални информации за искуствата и перспективите на учесниците и можат да помогнат во надминување на ограничувањата на квантитативните методи преку обезбедување на подлабинско разбирање на феномените што се проучуваат. Дополнително, квалитативните методи можат да бидат особено корисни во истражувањето на сложени и субјективни искуства на лица со разни видови попреченост или на членови на маргинализирани општествени групи. Оваа популација е често игнорирана и ретко се води грижа за нивните мислења и ставови, односно често се смета за категорија која е малубројна, хетерогена, деликатна и потешко достапна за да биде вклучена во научните истражувања. Постојат и примери кога овие лица биле опфатени со истражување, но со етички несоодветни методи на истражување.
Специфики
на примената на интевјуто како квалитативна техника
Интервјуто во квалитативните истражувања е од неформален вид и има карактеристики на недирективен, слободен, интензивен и продлабочен разговор со испитаниците. Овие атрибути ги истакнуваат разликите на оваа техника од интервјуто кое се користи во квантитативните истражувања. Разлики има и во целта на неговата примена како и во начинот на водење на разговорот. Во квалитативните истражувања интервјуерот не го контролира разговорот, туку неговиот тек зависи од интересот на лицето што го интервјуираме. Во неформалното интервју истражувачот подготвува флексибилен збир на теми околу кои треба да се разговара. Испитаникот е најчесто запознаен со нив, но има право да зборува за она што го интересира, наместо за она што сме замислиле да го прашуваме. Тоа значи дека се доаѓа до податоци кои се битни, суштествени и централни за испитаникот, а не за истражувачот. Истражувачот по интервјуто може само да забележи кои теми не ги опфатил и да се обиде за нив да добие информации во следните интервјуа што ќе ги направи. „Во неформалното интервју доаѓа до израз умешноста на водење разговор на истражувачот. Поставувањето добри прашања треба да го охрабрат и наведат респондентот да одговара искрено, а не така како што мисли дека од него се очекува. Во ваквото интервју е важен рамноправниот и отворен однос меѓу интервјуерот и интервјуираниот, како и самата интуиција на истражувачот за насочување на разговорот. Неструктираните интервјуа се посебно погодни за помлади испитаници кои не сакаат формалности и набргу им здосадува крутиот, официјален разговор.“ (Ангелоска-Галевска, 1997; 66)
Во слободните, неформални интервјуа е пожелно да не го наметнуваме нашиот научен и правилен говор. Подобро е да се приближиме, доколку е можно, на нивото на говорникот, на пример, доколку станува збор за деца или лица од пониски слеви на оштетството треба да користиме поедноставни и ним блиски изрази, а во случај да интервјуираме научник со него треба да се разговара на адекватно, академско ниво.
Интервју со деца
Децата претставуваат најневините и најискрените суштества на овој свет, па затоа можеме да сметаме дека тие можат да бидат автентичен и оригинален извор за добивање информации. Децата сакаат да бидат инволвирани во ,,светот на возрасните”, да бидат прашани за мислење и сослушани и затоа пристапот и начинот на интервјуирање деца е од големо значење. Важно е да се има предвид дека детскиот свет може да се разбере доколку гледаме низ нивните очи, а не од аспект на еден возрасен, затоа што децата се разликуваат од возрасните по когнитивниот и јазичен развој, вниманието и концентрацијата, способноста за потсетување, животните искуства и желбата да се биде важен, со добар статус и моќ, што има влијание врз интервјуто (Arksey and Knight, 1999).
Пред да се започне со интервјуирање на децата, од големо значење е да се создаде позитивна и пријателска атмосфера, како децата не би се почувствувале загрозено и како би се опуштиле во интеракцијата со истражувачот. Според Sоlberg (2014) исклучително е важно да им се укаже на децата дека тие не остваруваат контакт со „обичен“ возрасен (на пример, појава на чувството за манифестирање моќ над децата), туку напротив, дека на возрасните им недостига она знаење кое децата го поседуваат и дека возрасните можат да учат од детските искуства, мислења и идеи.
Јазикот што го користиме при интервјуирање на децата треба да биде јасен, лесно разбирлив и интересен за децата, како би можеле да добиеме максимален обем на информации. Затоа, за време на водење на интервјуто, се препорачува употреба на активности, како на пример, цртање, играње, пишување, зборување, користење слики, давање на креативни задачи (Houssart & Evens, 2011), или користење весници, играчки или фотографии (Leeson, 2014), што би придонесло децата да бидат опшуштени, а со тоа да се оствари поефикасна и полесна интеракција за време на разговорот. Иако, индивидуалниот пристап ,,еден на еден” се смета за најдобар начин на водење интервју со деца, сепак некои автори сметаат дека групното интервју може да биде корисно, како за интеракцијата со и меѓу децата, така и за економичноста на времето на истражувачот. Така на пример, Greig and Taylor (1999) сметаат дека групните интервјуа со децата се помалку застрашувачки за нив отколку поединечните интервјуа. Земајќи го предвид времетрањето на вниманието на децата, зависно од нивната возраст, потребно е интервјуто да не биде подолго од 15 минути, затоа што истото може да биде заморно за децата, а истражувачот да не добие адекватни и посакувани одговори.
Видот на прашањата што се користат во интервјуто со децата влијае врз целокупниот тек и квалитет на разговорот. Особено видот на поставени прашања треба да се земе предвид кога се интервјуираат деца со ограничени лингвистички или когнитивни способности. Повеќето автори заклучуваат дека е подобро на децата да им се поставуваат отворени отколку затворени прашања, како би се добиле искрени, целосни и точни одговори. Wright and Powell (2006) сметаат дека за да се извлечат конкретни одговори, потребно е да се постават конкретни прашања.
Постапки и
насоки за водење интервју со деца
Интервјуирањето на децата претставува комплексен процес за истражувачот, затоа што не секогаш едно дете може да биде подготвено и отворено за соработка со непозната личност. Во вакви ситуации интервјуерот треба да ги почитува следните препораки, вклучувајќи и ситуации кога интервјуирањето се одвива со група или се изведува во училишната установа (адаптирано според Morrison, 2013):
- се препорачува интервјуто да се одвива на позната локација;
- се препорачува задржување на приватноста на испитаникот, како и на можноста на прекин на интервјуто;
- се препорачува децата-испитаници претходно да ги запознаат интервјуерите и претходно да видат пример како ќе се одвива интервјуто;
- интервјуирањето да не влијае врз квалитетот на работата на училиштето и врз квалитетот на наставата;
- да се обезбеди информирана согласност од родителите и од училиштето;
- да се создаде пријателска атмосфера која ќе ги смири децата на почетокот на интервјуто и на истите ќе влијае пријатно и позитивно, а понекогаш е пожелно да се внесе хумор;
- да се укаже на тоа колку се важни децата во истражувањето и колку е важно нивното мислење за конкретната тема;
- доколу интервјуерот е повозрасно лице, добро е со него да има помлад асистент, затоа што децата подобро соработуваат со помлади лица;
- се препорачува да се поставуваат прашања и бараат техники на одговор на кои децата се навикнати во училиште;
- испитувачот треба да се обиде да ги усогласи и до некој степен исполни очекувањата на децата;
- да се користи јазикот и вокабуларот кој го употребуваат децата, секогаш кога има простор за тоа;
- особено да се внимава на структурата на прашањата, редоследот и формулацијата, и истите да бидат лесни за разбирање, јасни и конкретни. На почеток може да има кратки прашања со кратки одговори од еден збор, а потоа да се премине на поопширни отворени одговори во интервјуто;
- да се внимава на оддалеченоста од испитаникот, личниот простор и невербална комуникација, односно да се избегнува навлегување во личниот простор;
- испитувачот да даде позитивни повратни информации и да се заблагодари за добиените одговори и коментари;
- да се вклучи можност за гласање за различни ситуации во групата деца, како дополнителен начин за процена на нивното мислење;
- да се има големо разбирање, трпеливост и внимание доколку кај детето се јави двоумење, употреба на невербална комуникација и тишина, односно отсуство на повратен одговор;
- задолжително да се заштитат личните податоци на испитаникот, односно истражувачот писмено да гарантира за анонимност, приватност и доверливост на добиените податоци.
Предизвици за успешно интервјуирање на деца
Недостаток на внимание и концентрација кај
децата, бучна средина, недостаток на желба за соработка и вербална комуникација,
одвлечено внимание се само дел од предизвиците со кои може да се соочи
испитувачот за време на интервјуто. Успешното надминување на предизвиците и
правилниот пристап при интервјуирање на децата, претставуваат значајни фактори
за успешно реализирање на интервјуто.
Simons (1982), Lewis (1992),
Bailey (1994), Breakwell (2000), Breakwell и соработниците (2006), Brenner
(2006), Danby и соработници (2011), Hurworth (2012) и Leeson (2014) се само дел
од авторите кои ги објаснуваат предизвиците за време на интервјуто со деца,
како и начини како да се справиме и надминеме истите:
- отстранување на факторите кои влијаат врз детското внимание (играчки, возило што поминува надвор, итн);
- разбирање на она што сакаат да ни го кажат децата, особено кога во интервјуто се вклучени мали деца;
- потреба од собирање многу информации за кратко време поради ограничениот опсег на детското внимание;
- стимулирање децата да бидат искрени и да откријат што навистина мислат и чувствуваат, наместо да даваат одговори што сметаат дека истражувачот сака да ги слушне, „очекувани“ или општествено посакувани одговори;
- избегнување на можноста и ситуацијата детето да го гледа интервјуто како вид проверка или тест;
- посебен пристап со децата кои имаат неартикулирано однесување, колебливи се и/или се нервозни за време на интервјуто;
- оддалечување на наставникот од децата за време на интервјуто како и на други авторитети, родители, директори или други возрасни;
- избегнување децата да искажуваат деструктивни ставови едни кон други;
- говорниот стил да биде на соодветно ниво за детската возраст, односно да се избегнуваат метафори, компарации или аналогии;
- избегнување интервјуто да биде напорно и досадно, односно да не се создадат лоши сеќавања кај децата; .........................................................................................................
- да се поставуваат отворени прашања, како детето не би одговарало само со ,,да” и/или со ,,не”, односно да се избегне можноста на кажување на лаги, одговарање со ,,не знам” или само кревање рамена, особено кога тие не се заинтересирани, не знаат или не го разбираат доволно прашањето. Истото важи и кога децата се премногу срамежливи, молчат или не можат да доволно добро да се искажат.
Интервју со маргинализирани
групи
Маргинализираните групи се оние групи на луѓе на кои им се ускратени пристапите до социјалните, економските, политичките и културните права што им се достапни на сите други лица во една заедница. Тука генерално се вбројуваат старите луѓе, долготрајно невработените лица, лицата со попреченост, расни и етнички малцинства, сиромашните, бездомните и други лица.
Денес, кога живееме во едно модерно демократско време, недозволиво е маргинализирање на луѓето и спречување на нивните човекови права. Оттаму, гласот и мислењето на овие групи луѓе треба да биде гласно и јавно слушнатo, па од големо значење е изучувањето на пристапите кон овие лица за време на интервјуирањето, што претставува и дел од научно-истражувачката работа.
Parker and Lynn (2002) тврдат дека голем број истражувања во областа на воспитанието и образованието ги игнорираат маргинализираните групи со тоа што не се осврнуваат на нивните грижи, мислења и ставови, односно ги сметаат за области на истражување или за малцинства кои не заслужуваат истражување или доколку се спроведе истражување, со нив се користат етички несоодветни методи на истражување. Во анализата на Ангелоска-Галевска и Трајков (Angeloska-Galevska & Trajkov, 2016; 60) се заклучува дека во магистерски и докторски тези како и во други извештаи од истражувања, истражувачите понекогаш презентираат фотографии, документи и наоди објавувајќи го и името или други лични информации за децата. Друго етичко прашање е нивната желба да учествуваат во истражувањето како и условите што детето ги искусува пред и по интервенцијата на истражувачот.
Лицата со
попреченост се едни од оние кои се вбројуваат во маргинализираните групи на
луѓе, за чии права во последните години сѐ повеќе и повеќе се борат нивните
родители, стручните лица, како и самите тие. Kelly (2007)
посочува дека истражувачите не смеат повеќе да ги исклучуваат децата со
потешкотии во учењето од истражувањата образложувајќи дека тие претставуваат
предизвици за конвенционалните методи на истражување. Од друга
страна, таа смета дека обезбедувањето пристап
до маргинализираните групи може да биде доста тешко, особено ако станува збор
за лица со попреченост, затоа што претходно треба да се обезбеди согласност од
родителите, социјалните работници, членовите на здравствениот тим, негувателите
и други лица, како и да се избегне влијанието на одговорното лице врз мислењето
и ставот на испитаникот за време на интервјуирањето. Земјаќи предвид дека во
оваа група се вбројуваат лица со оштетување на говорот и јазикот, лица со
оштетување на слухот, постларингектомирани лица, лица со аутистичен спектар на
нарушувања, лица со интелектуална и друг вид попреченост, особено е важнода се
има писмена согласност за интервјуирање од страна на нивниот родител или
старател. Можеби најважно од сѐ е
истражувачот, односно интервјуерот им даде до знаење на лицата со
попреченост дека нивното мислење е исклучително важно и дека тие не се ништо
помалку значајни од останатите.
Постапки и насоки за интервјуирање на
маргинализирани групи
Интервјурањето на
маргинализираните групи не е ни малку лесна работа, особено
кога истите веќе го имаат чувството дека се на ,,работ од општеството”. Затоа дадените постапки и насоки за интервјуирање
на овие групи се од особено значење за еден истражувач и интервјуер:
- употреба на отворени прашања кои се лесно разбирливи и одговараат за состојбата, возраста, менталната и говорно-јазичната развиеност на испитаникот;
- употреба на квалитативни и продлабочени интервјуа каде што испитаниците ги „раскажуваат своите приказни“, ги раскажуваат своите искуства и ги изразуваат своите чувства со свои зборови (Barron, 1999);
- обезбедување пријатна атмосфера каде интервјуираниот треба да се чувствува безбедно, сигурно, поддржано, блиску до интервјуерот и да знае дека го има целосното внимание на интервјуерот;
- давање до знаење дека интервјуерот нема осудувачки став кон испитаникот;
- недозволување да се создаде атмосфера и чувство во која испитаникот ќе почувствува дека интервјуерот има поголема моќ од него;
- посочување дека интервјуто се изведува за доброто на интервјуираните, односно дека тие не треба да бидат маргинализирани;
- употреба на дополнителни средтсва за подобра комуникација, односно комуникациски картички, сликовни картички, картички со чувства, рамки за цртање, сликовници, играчки, кукли, фотографии на познати луѓе или места за лицата со попреченост, особено за оние кај кои постои нарушување во вербалната и невербалната комуникација;
- во некои случаи, се препорачува одржување неколку последователни кратки интервјуа, отколку едно долго, особено кога во прашање недостатокот на концентрација и внимание на испитаникот;
- процена на изразот на лицата на испитаниците и процена на нивните чувства и емоции за време на интервјуто.
…………………………………………………………….
Резултати од интервју со деца со попреченост
Во продолжение се претставени дел од резултатите добиени по пат на слободно интервју со деца и маргинализирани групи или поточно интервју на деца со пречки во развојот кои посетуваат логопедски и дефектолошки третмани. Личните податоци на испитаниците остануваат скриени, согласно доверливоста на лични податоци и етичките правила и норми.
Издвоени се и прикажани две тематски прашања од интервјуата со деца со пречки во развојот: „Врсничко насилство во училиштата” и „Сексуалност и сексуално воспитание кај лица со пречки во развојот”.
Тема 1: Врсничко насилство во училиштата
Прашање 1.1. Дали некогаш во твоето училиште ти се случило некој да те навреди или удри?
Податоци за испитаник 1: машко, 14 години, лесна интелектуална попреченост
Одговор/Транскрипт: Да, порано. Јас јадев ѓеврек со јогуртче на голем одмор, и тој еден Андреј од осмо-А ми рече ретардиран и ми удри клоца. Ама одамна беше тоа. Лошо е да вреѓаш, не е убаво.
Опис/Белешка: Испитаникот додека одговара на прашањето гледа надолу, со прстите ја врти врвката од тренерките, намрштен е, се забележува промена во неговиот глас, повлечен е, зборува тивко и со доза вознемиреност.
Анализа: Испитаникот го разбира поимот насилство. Ги разбира жаргоните за навреда и самите навреди. Разликува што е добро од лошо.
Прашање 1.1. Дали некогаш во
твоето училиште ти се случило некој да те навреди или удри?
Податоци за испитаник 2: женско, 16 години, лесна интелектуална попреченост
Одговор/Транскрипт: Дааа. Другарка ми Ева, се скаравме, ми кажа будало, ненормална, ама сега никој не ме закача. Се дружам со братучед ми, има шест години, многу е јак.
Опис/Белешка: Испитаникот додека одговара на прашањето гледа надолу, се забележува повлеченост и се срами, зборува тивко, бавно, избегнува контакт со очи. Кога зборува за братучедот се смее, гледа во очи и зборува со гордост.
Анализа: Испитаникот има искуство со врсничко насилство. Врсничкото насилство има оставено негативно искуство за личноста, но не придава целосно значење. Ги компензира изгубените социјалните контакти со социјални контакти со значително помали деца од нејзината возраст, што е карактеристично за нејзината состојба.
Прашање 1.2. Ако некое дете
на училиште те удри, што треба да направиш?
Податоци за испитаник 3: машко, 11 години, аутистичен спектар на
нарушувања
Одговор/Транскрипт: Лошо. Дарко ме удри. (Сам
се удира, почнува да плаче). Придавки. Кажам на Весна.
Опис/Белешка: Испитаникот додека
одговара со ,, Лошо. Дарко ме удри.” е насмеан, зборува со смирен тон. Потоа сам се удира по лице и почнува да
плаче. Ги брише солзите, брзо и гласно кажува ,,Придавки.” и
кажува дека ќе каже на Весна, која е негова наставничка.
Анализа: Испитаникот разбира што
значи некој да нѐ удри. Има доживеано искуство со врсничко насилство што кај
него предизвикува негативна емоција. Има научено каде треба да се пожали, но не
сме сигурни дали тоа е само механички научено како фраза, или навистина знае да
се обрати кога ќе биде нападнат.
Прашање 1.2. Ако некое дете на училиште те удри, што треба да направиш?
Податоци за испитаник 4: машко, 8 години, детска афазија
Одговор/Транскрипт: На физичко те удри
Дамјан. Кажеш наставничката Симона.
Опис/Белешка: Испитаникот одговара со
бавен и аграматичен говор. Се забележува одговарање со повлеченост, потиштеност
и тага, кои се забележуваат во неговиот глас.
Анализа: Испитаникот има искуство
со врсничко насилство, каде истото има оставено траума за него. Испитаникот
знае каде треба да се обрати да помош, односно знае дека треба случајот да го
пријави на наставничката.
Врз основа на направените интервјуа може да се
заклучи дека врсничкото насилство, односно булингот е застапен во училиштата и
истиот не ги засега само учениците со типичен развој, туку и учениците со
атипичен развој, чие мислење и изјава честопати не се целосно сериозно сфатени
од околината, а истите се од исклучително значење.
Лицата со пречки во развојот се чести жртви на булингот и може да ни дадат податоци за реалната состојба и застапеност на различните облици на врсничко насилство во училиштата како и за начинот на кој тие ги доживуваат, што би било основа за едукативно и превентивно делување за намалување на овие несакани ситуации меѓу учениците.
Тема 2: Сексуалност и сексуално
воспитание кај лица со пречки во развојот
Прашање 2.1. Како настануваат бебињата?
Податоци за испитаник 2: женско, 16 години, лесна интелектуална
попреченост
Одговор/Транскрипт: Прво купуваме тест за бременост. После има две црвени црти, голем стомак.
Опис/Белешка: Испитаникот додека одговара на прашањето гледа надолу, ги влече долгите ракави од дуксерот, се срами, зборува тивко, бавно, со изразена неразбирливост на говорот, избегнува контакт со очи, се смее.
Анализа: Испитаникот не разбира како настануваат бебињата. Не знае и не разбира како настануваат бебињата, тоа го поврзува со предмети и појави карактеристични за бременоста. Се срами од поими врзани за сексуалноста.
Прашање 2.1. Како настануваат бебињата?
Податоци за испитаник 5: машко, 12 години, лесна интелектуална попреченост
Одговор/Транскрипт: Е па жената сака бебе и ѝ расте стомакот. Се мажи, има бурма.
Опис/Белешка: Испитаникот покажува интерес за темата. Зборува гласно, но додека зборува избегнува постојано да нѐ гледа во очи. Зборува гласно, со изразени артикулациски нарушувања.
Анализа: Испитаникот покажува дека не разбира во целост како настануваат бебињата. Настанувањето на бебињата го поврзува со појави карактеристични за бременоста и бракот. Се уште не ја разбира сексуалноста на човекот.
Прашање 2.2 За што служи кондомот?
Податоци за испитаник 6: машко, 13 години, лесна интелектуална попреченост
Одговор/Транскрипт: За што служи кондомот?
Тоа ти е како гума, се става за да се прават деца. А уствари стварно, како се
става кондомот, не сме учеле во школо?
Опис/Белешка: Испитаникот додека
одговара на прашањето е позитивно возбуден, покажува голем интерес за оваа
тема, зборува изразено гласно. Делот ,,А уствари стварно, како се става
кондомот...?” го кажува тивко и
погледнува кон вратата.
Анализа: Испитаникот не знае за што точно случи кондомот. Веројатно некогаш има слушнато за што служи, но поимот кондом го врзува со други поими врзани за поимот кондом. Покажува желба за осознавање на непознатото.
Прашање 2.2 За што служи кондомот?
Податоци за испитаник 7: женско, 17 години, лице со кохлеарен имплант, лесна интелектуална попреченост
Одговор/Транскрипт: Кондом? Мама, тато, прави
бебе. Мало бебе. Плаче.
Опис/Белешка: Испитаникот силно ги
отвара очите кога го слуша зборот “кондом”, се забележува
вцрвенување на лицето. Гледа надолу додека зборува, повремено не погледнува во
очи. Со несигурност одговара, како да се плаши од осуда.
Анализа: Испитаникот не знае за што точно случи кондомот. Сексуалноста и контрацепцијата претставуваат табу и недоволно познати теми за испитаникот.
Резултатите од направените интервју упатуваат на заклучок дека сексуалната едукација е од исклучително големо значење како за лицата со пречки во развојот, така и за целото општество, како би се намалил ризикот од несакана бременост, сексуална злоупотреба и сексуално преносливи болести. Особено се важни познавањата за контрацепцијата како средство за спречување на сексуално преносливи болести и несакана бременост.
Заклучок
Примената на квалитативните методи доведува до богати и детални информации за искуствата и перспективите на учесниците, кои се особено корисни во истражувањето на сложени и субјективни искуства својствени за дефектолошката проблематика. Квалитативните методи можат да помогнат во надминување на ограничувањата на квантитативните методи преку обезбедување на подлабинско разбирање на феномените што се проучуваат. Дополнително, квалитативните методи можат да бидат особено корисни во истражувањето на сложени и субјективни искуства на лица со разни видови попреченост или на членови на маргинализирани општествени групи. Оваа популација е често игнорирана и ретко се води грижа за нивните мислења и ставови, односно често се сметаат за категорија која е малубројна, хетерогена, деликатна и потешко достапна за да биде вклучена во научните истражувања. Постојат и примери кога овие лица биле опфатени со истражување, но со етички несоодветни методи на истражување.
Интервјуто во квалитативните истражувања е од неформален вид и има карактеристики на недирективен, слободен, интензивен и продлабочен разговор со испитаниците. Овие атрибути ги истакнуваат разликите на оваа техника од интервјуто кое се користи во квантитативните истражувања. Разлики има и во целта на неговата примена како и во начинот на водење на разговорот. Во квалитативните истражувања интервјуерот не го контролира разговорот, туку неговиот тек зависи од интересот на лицето што го интервјуираме.
Интервјуирањето на децата претставува комплексен процес за истражувачот, затоа што не секогаш едно дете може да биде подготвено и отворено за соработка со непозната личност. Бучната средина, недостаток на внимание и концентрација кај децата, недостаток на желба за соработка и вербална комуникација, одвлечено внимание се само дел од предизвиците со кои може да се соочи испитувачот за време на интервјуто. Успешното надминување на предизвиците и правилниот пристап при интервјуирање на децата, претставуваат значајни фактори за успешно реализирање на оваа вредна истражувачка техника.
РЕФЕРЕНЦИ
1. Angeloska-Galevska, N., & Iliev, D. (2018). Application of the Methodological Triangulation in the Pedagogical Research, The education at the crossroads - Conditions, challenges, solutions and perspectives. Bitola, Conference Proceedings, Bitola: Macedonian Science Society. 45-48. https://mnd-bitola.mk/wp-content/uploads/2017/11/conference.pdf
2. Angeloska-Galevska, N., & Trajkov, I. (2016). Ethics in Research with Vulnerable Groups’. Karlovitz,T.J (ed.) Studies from Education and Society. Komarno: International Research Institute. 58-61. http://hdl.handle.net/20.500.12188/1208
3. Angeloska-Galevska, N. (2014). Research Methods in Special Education and Rehabilitation-perspectives and limitation. Modern aspects of special education and rehabilitation of persons with disabilities: conference proceedings. Skopje: Faculty of Philosophy, Institute for special education and rehabilitation, 419-429.
4. Arksey, H. & Knight, P. (1999). Interviewing for Social Scientists. London: Sage.
5. Bailey, K. D. (1994). Methods of Social Research (fourth edition). New York: The Free Press.
6. Barron, K. (1999). Ethics in qualitative social research on marginalized groups. Scandinavian Journal of Disability Research, 1 (1), 38–49...................................................
7. Breakwell, G. M. (2000). Interviewing. In G. M. Breakwell, S. Hammond and C. Fife-Shaw (eds) Research Methods in Psychology (second edition). London: Sage, 239–50.
8. Breakwell, G. M., Hammond, S., Fife-Shaw, C. & Smith, J. A. (eds) (2006). Research Methods in Psychology (third edition). London: Sage.
9. Brenner, M. (2006). Interviewing in educational research. In J. Green, G. Camilli and P. Elmore (eds) Complementary Methods for Research in Education. Washington, DC: American Educational Research Association/Erlbaum, 357–70.
10. Cohen, L., Manion, L. & Morrison, K. (2017). Research Methods in Education. 8th edition. Routledge.
11. Danby, S. J., Ewing, L. & Thorpe, K. J. (2011). The novice researcher: interviewing young children. Qualitative Inquiry, 17 (1), 74–84.
12. Greig, A. D. & Taylor, J. (1999). Doing Research with Children. London: Sage.
13. Houssart, J. & Evens, H. (2011). Conducting task-based interviews with pairs of children: consensus, conflict, knowledge construction and turn taking. International Journal of Research and Method in Education, 34 (1), 63–79.
14. Hurworth, R. (2012). Techniques to assist with interviewing. In J. Arthur, M. Waring, R. Coe and L. V. Hedges (eds) Research Methods and Methodologies in Education. London: Sage, 177–85.
15. Kelly, B. (2007). Methodological issues for qualitative research with learning disabled children. International Journal of Social Research Methodology, 10 (1), 21–35.
16. Leeson, C. (2014). Asking difficult questions: exploring research methods with children on painful issues. International Journal of Research and Method in Education, 37 (2), 206–222.
17. Lewis, A. (1992). Group child interviews as a research tool. British Educational Research Journal, 18 (4), 413–421.
18. Morrison, K. R. B. (2013). Interviewing children in uncomfortable settings: ten lessons for effective practice. Educational Studies, 39 (3), 320–37.
19. Parker, L. & Lynn, M. (2002.) What’s race got to do with it? Critical race theory’s conflicts with and connections to qualitative research methodology and epistemology. Qualitative Inquiry, 8 (1), 7–22.
20. Simons, H. (1982). Conversation piece: the practice of interviewing in case study research. In R. McCormick (ed.) Calling Education to Account. London: Heinemann, 239–246.
21. Solberg, A. (2014). Reflections on interviewing children living in difficult circumstances: courage, caution and co-production. International Journal of Social Research Methodology, 17 (3), 233–248.
22. Wright, R. & Powell, M. B. (2006). Investigative interviewers’ perceptions of their difficulty in adhering to open-ended questions with child witnesses. International Journal of Police Science and Management, 8, 316-325.
23. Ангелоска-Галевска, Н. (1998). Квалитативни истражувања во воспитанието и образованието. Битола: Киро Дандаро.
Comments
Post a Comment