Skip to main content

ДИСФАГИЈА - Нарушувања на голтањето

Дисфагија претставува отежнато или нарушено голтање, кои резултира со абнормално одложување на транзитот на течен или цврст болус од усната празнина до желудникот. Дисфагијата, исто така, претставува честа појава кај голем болести/состојби за која премалку се знае и зборува во јавноста, а уште помалку се знае и зборува за тоа дека логопедот е тој што ја третира дисфагијата.


Постојат најразлични причини поради кои се јавува дисфагија, а истата најчесто ја засега возрасната популација, како последица на некоја друга болест или состојба. Пациентите ја опишуваат дисфагијата како заглавување, одложување, сопирање во голтањето на храната или течноста. Истата може да се јави како акутна, хронична, интермитентна или перзистентна.

Етиологија
Како што веќе спомнавме, дисфагијата е појава која најчесто следи по појавата на некоја друга болест или состојба. Најчесто дисфагија се јавува кај: малигни тумори на горниот аеродигестивен тракт (карцином на усна празнина, карцином на езофагус (хранопроводник)), гастро-езофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ), нарушувања на моталитетите, воспалителни болести, опструктивни болести на езофагусот, невролошки болести (мозочен удар, мултипла склероза, Паркинсонова болест, амиотрофична латерална склероза, церебрална парализа, деменција, Алцхајмерова болест, пост-полио синдром, енцефалитис, менингитис, тумори на задната јама, тумори на базата на черепот, Guillain Barre-ов синдром, Lambert-Eaton Myasthenic синдром, невропатија, миастенија гравис...), развојни нарушувања (тешка и длабока интелектуална попреченост, аутистичен спектар на нарушувања, церебрална парализа...), вродени аномалии на непцето (расцепи), мускулни болести (ахалазија, склеродерма, полимиозитис, миопатија, миотонија, мускулна дистрофија...), психијатриски нарушувања (фагофобија), изложеност на медицински третмани (последици од терапија на канцер, долготрајна интубација, трахеоезофагеална фистула...), изложеност на лекови (антипсихотици, трициклични антидепресиви, нестероидни антиинфламаторни лекови, бифосфонати, теофилин, блокатори на калциумови канали, нитрати, опоиди, алкохол...), друго.

Најчесто, етиологијата за појавата на дисфагија, го диктира видот на дисфагија кој се јавува.

Видови дисфагија
Постојат три вида дисфагија: орофарингеална, езофагеална и мешовита дисфагија.

          Орофарингеална дисфагија – претставува тешкотија која се јавува при пренос на залакот од усната шуплина до цервикалниот хранопровод. Пациентите со орофарингеална дисфагија се жалат на тоа дека уште при почетното голтање на залакот имаат тешкотии. Ова може да вклучува чувство на лепење на храна во усната шуплина или во регионот на вратот, како и симптоми на пулмонална аспирација.

          Езофагеална дисфагија – претставува тешкотија која се јавува при минување на цврста или течна храна низ хранопроводникот, особено во регионот помеѓу горниот и долниот езофагеален сфинктер. Пациентите со езофагеална дисфагија се жалат на тоа дека чувствуваат спазми, болка и жарење во градите, задушување, друго.

           Мешовита дисфагија – комбиниран тип од орофарингеална и езофагеална дисфагија.

Клиничка слика
Манифестацијата, односно клиничката слика на дисфагијата, зависи од видот на дисфагија и причината за појава на истата. Генерално, можеме да кажеме дека дисфагијата се манифестира така што кај пациентите се јавува кашлање или давење/гушење за време на голтањето храна или течност, одинофагија (болка при голтање), неможност за голтање, чувство на заглавеност на храната во пределот зад градната коска, нагон за повраќање, засипнатост, регургитација (враќање) на голтнатата храна, гастроезофагеален рефлукс (враќање на желудочна киселина во хранопроводот и грлото), намалување на телесната тежина, чувство на “жарење” во градите, хиперсаливација (зголемено лачење на плунка), друго.
Дисфагијата во голема мера го намалува квалитетот на живот на овие пациенти. Поради истата, можат да се јават дополнителни компликации како: аспирација, пневмонија предизивикана од аспирација, малнутриција (неухранетост), морбидитет или морталитет. Честопати, оваа состојба со себе носи и појава на социјална изолација, фрустрација и депресија.

Дијагностика
Дијагностиката на дисфагија опфаќа мултидисциплинарен пристап и мултидисциплинарна дијагностика. Во процесот на дијагностика се вклучени гастроентерохепатолог, оториноларинголог, невролог, радиолог и логопед.

Дијагностиката започнува со земање на детална анамнеза, која е главен показател за тегобите на пациентот, како и клинички преглед. Во процесот на дијагностика се применува: ендоскопија, фибер-оптичка ендоскопска евалуација на голтањето (FEES), тест на езофагеалните мускули – манометрија, видеофлуроскопија на актот на голтање, MRI, компјутерска томографија, Х-зраци со контрастен материјал – бариум, сцинтиграфија, орално-моторна процена, тестови за скрининг – процена на голтањето, друго.

Третман
Исто како и дијагностиката, така и третманот на дисфагијата, треба да биде мултидисциплинарен и истиот да биде индивидуален, насочен кон надминување на тешкотиите кои ги има пациентот. Главната цел на третманот на дисфагија е да се намали морталитетот и морбидитетот настанат поради аспирација, пневмонија, малнутриција, дехидрација и психолошки нарушувања.

Третманот на дисфагија може да опфаќа логопедски техники и вежби за голтање, промени во начинот на исхрана, периферна стимулација, транскранијална магнетна стимулација, крикофарингеална миотомија или дилатација, поставување стент, лапароскопска Хеллер миотомија, перорална ендоскопска миотомија (POEM), ботокс, примена на медикаментозна терапија (инхибитори на протонска пумпа, антибиотици, кортикостероиди...), физиотерапевтски третман, друго.

Совети
Да зборуваме јавно и гласно за дисфагијата, како би ја поткренале јавната свест за истата, затоа што дисфагијата во голема мера го намалува квалитетот на живот на пациентите кои се соочуваат со истата. Сепак, за дисфагијата постои третман кој во голема мера го подобрува квалитетот на живот кај овие пациенти. Побарајте помош од логопед навреме!

Пишува:
м-р спец. Бојан Богдановски, клинички логопед-специјалист, м-р. по СЕР - интелектуална попреченост и аутизам

Контакт:

e-mail: slp.bojan@gmail.com
Instagram: @slp.bojan

Comments

Popular posts from this blog

Развој на изговорот на гласовите

И склучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој. Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно - јазичниот развој. Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето: 1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепир...

Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото. Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат: Неорганизираност и нарушување на моториката Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго.  Н...

Фази на типичен развој

Иако секое дете има свој индивидуален развој, кој може во одредена мера временски да биде поразличен од развојот на друго дете, сепак се водиме според фазите на типичниот развој, каде секое отстапување од истите треба да биде разгледано и проценето од страна на стручно лице. 0 - 3 месеци При кревање на детето во раце тоа успева самостојно да ја држи исправено својата глава, успева да ја подигне својата глава додека лежи на стомак, се обидува да го подигне својот труп во лежечка положба на стомак, така што се потпира на подлактиците, додека лежи на грб симетрично ги движи нозете и во истите гледа, може да ги доближи рацете една до друга, започнува да го развива фатот, односно ја отвора и затвора дланката, може да фати бебешка играчка со раката, но за истата да покаже краток интерес, односно брзо да ја фрли, остварува контакт со очи, со поглед ги следи движењата во негова близина, реагира на звуците од блиската околина, ги продуцира вокалите, покажува променлива интонација за време на пл...